АНКАРА (AA) – Најголемиот Куран на светот испишан на дрвени плочи е изложен во Индонезија и привлекува големо внимание кај туристите кои ја посетуваат оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).

Во индонезискиот град Палембанг се наоѓа Музејот „Ал-Акбар“, во кој е изложен најголемиот Куран на светот, испишан на дрвени плочи со висина од 1,77 и широчина од 1,4 метри.

Автор на овој единствен примерок на Куранот е индонезискиот калиграф Шофватила Мохзаиб. Во разговор за AA рече дека му биле потребни девет години Куранот да го пренесе на дрво.

Со оглед дека немал значителна материјална поддршка и со оглед на фактот дека дрвото кое го користел е многу ретко, Мозхаиб истакнува дека со работа започнал во 2001, а завршил во 2009 година.

– Инспирација од соништата

Додава дека идејата за испишување на Куранот на дрво му дошла уште додека бил студент по калиграфија во 2000 година и дека инспирацијата ја добил во соништата.

„Најпрвин одредени делови од Куранот ги пишував на различни картони и така стекнав искуство. По препорака на луѓе од фелата, одлучив да почнам со испишување на Куранот на дрво“, рече овој извонреден калиграф.

Истакнува дека се работи за нешто за кое треба многу посветеност и нагласува дека е потребно најмалку 30 дена за една страница од Куранот да се пренесе на дрво.

За да го изработи ова поквалитетно и за дрвото да биде поиздржливо, Мохзаиб додава дека избрал дрво познато како тембесу, распространето во Јужна Суматра, а кое се користи за резбарење и изработка на дрвен мебел.

– Придонес за туризмот

За тоа колку неговото дело придонело за туризмот во овој регион, Мохзаиб вели дека од 2012 година наваму Куранот имале можност да го видат повеќе од милион посетители од сите делови на светот.

Сармин Гумај, еден од посетителите на Музејот истакна дека е импресиониран од Куранот на дрво. Додава дека често го посетува Музејот, и дека при секое доаѓање чувствува внатрешен мир.

Амира Лутфије рече дека дошла од градот Лампунг за да го види Куранот испишан на дрво.