БЕЛГРАД (АА) – Нешто за историјата на Југославија може да се дознае и со патување со автомобил „застава 101“, што го нуди туристичка агенција од Белград. Оваа туристичка атракција е сѐ попопуларна меѓу туристите, бидејќи на четири тркала имаат можност да го „доживеат“ искуството од создавањето, па до падот на „стара Југа“, пишува Anadolu Agency (AA).

Нудејќи обиколка со автомобил „застава“ низ симболите на Југославија кои останаа во Белград, агенцијата на автентичен начин им го презентира градот на туристите, со цел да им долови еден типичен ден на Југословените.

Холанѓанецот Мауро (27) од Утрехт, одлучи да се повози со стариот автомобил, да ја чуе југословенската музика од тој период и да дознае нешто за идеалите, архитектурата и историјата кои повеќе не постојат.

– Сосема поинаква атмосфера на градот

За турата, како што изјави за АА, Мауро дознал преку интернет и додаде дека од многуте пријатели кои ги интересира југословенската историја и нејзиното наследство, слушнал многу добри приказни. Тој истакна дека при првата посета на главниот град на Србија, со оваа тура се одлучил да мине три часа.

„Посетивме некои згради од комунистичкиот период, бевме во резиденцијалните делови на градот кои се изградени во тоа време, слушнавме многу добри приказни за историјата. Многу ми се допадна прошетката, бидејќи ми помогна подобро да го разберам Белград и ми даде дополнителни информации. Можете да дојдете во овој град и да ги посетите главните знаменитости, но ова е нешто сосема поинакво“, рече Мауро.

Со него турата ја помина и неговиот пријател Мартијн (28), исто така од Холандија, кој за турата чул од Мауро.

„Тој ми ја препорача оваа тура, бидејќи јас не знам многу за историјата на Балканот и за војните на овие простори, но благодарение на оваа тура, научив многу повеќе за тоа. Доколку ве интересира културата и историјата, оваа тура е многу добар начин да го научите тоа“, рече Мартијн.

Мартијн проба и шлем од тој период, а возеше и стар автомобил „застава“, во тој период познат по второто име „стојадин“.

„Потребно е да се опфатат сите перспективи на земјата за да се сфати што била таа земја и која е нејзината историја“, наведе Мартијн, додавајќи дека на сите би им ја препорачал турата.

Агенцијата во својата палета нуди четири тури низ Белград, но туристите главно резервираат две од нив, архитектонската, која се занимава со архитектурата на Нов Белград и во неа спаѓа разгледувањето на кулата Генекс, позната како Западна капија на Белград, новобелградските блокови, Сава Центар и Источната капија на Белград.

Втората тура е историска, и опфаќа разгледување на некогашниот логор „Старо сајмиште“, зградата на палатата „Србија“, хотелот „Југославија“ и посета на гробот на Тито во Куќата на цвеќето. „Во оваа тура се објаснува компликуваната историја на создавањето и распаѓањето на Југославија“, рече за АА, менаџерката на агенцијата „Југотур“, Нина Ивановиќ.

– Автентични детали

„Се трудиме при разгледувањето, сѐ да биде автентично. Понекогаш нѐ прашуваат дали автомобилот е климатизиран, а се разбира дека тој не е. Сѐ е сосема автентично, автомобилот нема појаси на задните седишта, што им е многу чудно. Главно туристите што доаѓаат велат дека не се возеле со олку стари автомобили, при што турата со „стојадин“ им доаѓа како некој вид времеплов“, рече Ивановиќ.

Како интересен настан, менаџерката на агенцијата го истакна случајот на млад брачен пар, кој на денот на венчавката решил да изнајми „стојадин“, кој бил управуван од девојки облечени како пионерки.

„Невестата беше од Австрија, младоженецот од Србија, и очекувале гости од Австрија. Тие посакаа заедно со кумовите и гостите од Австрија да се повозат со нашите автомобили, од црквата до ресторанот. Ги украсивме автомобилите со цветови и панделки, а две наши девојки, облечени како пионерки, управуваа со автомобилите. Тоа им беше навистина многу интересно на луѓето од страна, и прашуваа што се случува“, го опиша настанот Ивановиќ.

На идејата за ваква туристичка обиколка дошол сопственикот на компанијата, кој е од Холандија. Тој првенствено осмислил велосипедски тури низ Белград, а потоа во понудата додал и друго превозно средство, автомобил од поранешна Југославија.

Овие обиколки на градот се сѐ попопуларни меѓу туристите, кои сакаат да се информираат повеќе за комунизмот и да го почувствуваат стариот дух на Југославија.

„Турите се сѐ попопуларни. Во почетокот имавме еден автомобил, а сега имаме седум, и бројот на турите постојано се зголемува. Имаме и поголем број водичи. Минатиот месец имавме 30 обиколки, а се надеваме дека тој број сѐ повеќе ќе се зголемува“, заклучи Ивановиќ.