Лавров: „Ситуацијата во Идлиб се обидуваме да ја решиме заедно со Турција“

0
185

БЕРЛИН (AA) – Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, изјави дека заедно со Турција вложуваат напори за ситуацијата во сирискиот Идлиб да се реши во согласност со постигнатите договори, јавува Anadolu Agency (AA).

Во обраќањето на конференцијата за медиуми, по состанокот со германскиот колега Хеик Мас во Берлин, Лавров потсети на договорот за формирање зона на „деескалација на судири“.

Нагласи и дека ги преземаат потребните напори да се формира хуманитарен коридор за луѓето кои сакаат да го напуштат подрачјето на Идлиб.

Истакна дека во таа смисла се преземени мерки за во тој град да не се случи „хуманитарна катастрофа“.

Лавров додаде дека Русија нема да постапи како што коалицијата предводена од САД направила во Мосул и во сирискиот град Рака, истакнувајќи дека тогаш не се водени никакви разговори за да се постигне решение, ниту дека е формиран хуманитарен коридор.

Напомена дека тогаш во Рака се случи „хуманитарна катастрофа“, за која, како што рече, никој не зборува.

Потсети и дека претседателот на Русија, Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на 17 септември ќе разговараат за ситуацијата во Идлиб.

Истакна дека во текот на состанокот со германскиот шеф на дипломатијата разговарал и за обнова на инфраструктурата во Сирија, додавајќи дека пред тоа сепак е потребно да се обезбедат услови.

Мас во обраќањето до новинарите апелираше до Русија да се спречи можен напад на Идлиб.

„Постои опасност да се случи катастрофа за милиони луѓе, доколку сирискиот режим изведе напад на Идлиб“, рече Мас.

Додаде дека постојат одредени можности за борба против терористичките организации кои се наоѓаат на листата на Обединетите нации (ОН), нагласувајќи дека е најважно да се гарантира безбедност за цивилното население.

На крајот истакна и дека очекува од Русија да влијае на режимот на Асад за да се спречи употреба на хемиско оружје.

Мас изјави и дека е потребно да се започне политички процес и да се пронајде решение, прифатливо за Сиријците, за да може да започне обнова на Сирија.