РЕЏЕПИ: Неискористена шанса

0

На оние кои повикуваат на бојкот, интересот не им е Македонија! Ниту името, ниту јазикот, ниту идентитетот, ниту перспективата која младите ќе ја имаат во ЕУ, ниту економскиот просперитет што ќе го има државата, ниту еднаквоста со големите, ниту безбедноста и непроменливоста на границите…

Јасмин Реџепи

Како и многу млади луѓе во земјава кои го прочитале Преспанскиот договор, и јас, исто така, тврдам дека без разлика на политичката гарнитура на власт, ќе излезев на референдумов и ќе ги повикав сограѓаните да го направат истото, зашто овој компромис е максимумот којшто можеше да се извлече и е најпогоден за сите нас!

Е, сега, тоа што Заев имаше храброст да влезе во историјата со најдобрата одлука што еден политички лидер во Македонија можел да ја донесе, нормално е во негова корист, како и во корист на неговата партија.

Другине пак, ја пропуштаа шансата цели 11 години, да продолжат на патот на евроатлантските интеграции, и тоа намерно, перејќи го умот на народот со национализам и антиквизација, со небитни грандиозни стиропорни градби, со вишок на споменици и со куп матни тендери. Тие, сега ја сфаќаат грешката и сфаќаат дека ова е најдобриот можен компромис, но љубоморни се на успехот на Заев, кому секојдневно високите странски лидери, лично во Скопје му честитаат. Па, наместо да излезат со став и да се вклучат во рефрендумот, формирајќи единствен национален став по тоа прашање, што би било позитивно и за нив, тие се однесуваат незрело, како деца кога се лутат и ја бојкотираат играта. Не се помируваат дека прашањето е суштествено, дека не е за дневнополитички пресметки и дека е натпартиско. Како и дека од нивниот незрел однос може да произлезе – играчка-плачка.

Нивниот интерес не е Македонија! Ниту името, ниту јазикот, ниту идентитетот, ниту перспективата која младите ќе ја имаат во ЕУ, ниту економскиот просперитет што ќе го има државата, ниту еднаквоста со големите, ниту безбедноста и непроменливоста на границите…

Поинакви беа нивните интереси тогаш, поинакви им се интересите и сега, односно, како да се испазарат за амнестија, а да не ги вратат парите на граѓаните во буџетот… Тоа граѓаните го презираат. Впрочем, затоа и се случува расколот кај бојкотирачите, па дел од поранешните министри и олигарси се приклучуваат кон мнозинството со поддршка на референдумот.

Да имаа ронка патриотизам и да размислуваа здраво за државните интереси, за 11 години прашањето со името ќе го решеа, веќе ќе бевме во НАТО и наместо референдум, ќе славевме влез во ЕУ.

Сепак, ни 30-ти септември 2018 година не е доцна за таков чекор, а времето во слобода побргу минува отколку во тиранија. Бргу ќе дојде денот за славење.

Тогаш повеќето од нас, ќе славиме слободни. Некои од нив – зад решетки, бидејќи без правда нема слобода, а без слобода нема влез во Европската унија!