Ердоган: „Американските санкции кон Иран не ги сметаме за правилни“

0
41

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека американските санкции кон Иран не се правилни, јавува Anadolu Agency (AA).

По состанокот на парламентарната група на турската владејачка Партија за правда и развој (AK Parti), Ердоган за новинарите изјави: „Не сметаме дека санкциите се правилни, затоа што нашето мислење е дека тие санкции се насочени кон нарушување на рамнотежата во светот“, изјави Ердоган.

Ердоган нагласи дека санкциите кон Иран се во спротивност со меѓународното право и дипломатија. „Ние не сакаме да живееме во империјалистички свет“, додаде тој.

Вашингтон вчера најави воведување нови санкции кон Иран кои се однесуваат на иранската енергетика, бродоградба, транспорт и финансиски сектор.

Над 700 лица, ентитети, авиони и бродови се наоѓаат на црната листа, вклучувајќи 50 ирански банки и нивните домашни и странски подружници.

САД претходно објавија дека осум земји – Кина, Грција, Индија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и Турција – добиваат 180 дена привремено изземање од економските санкции во однос на увозот на иранска сурова нафта.

Ердоган, исто така ги критикуваше американските патроли кои започнаа вчера во североисточна Сирија.

„Невозможно е да ги прифатиме таквите патроли. Покрај тоа, таквата ситуација ќе доведе до сериозна негативност долж границите“, изјави Ердоган.

Овие патроли започнаа откако турската Армија гранатираше неколку позиции на терористичката ПКК/ЈПГ во подрачјето минатата недела. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК. Турскиот претседател истакна дека турските сили за безбедност во периодот од месец јули 2016 година неутрализирале вкупно 9.353 терористи.

„Од јули 2016 година, во операциите спроведени во земјата неутрализирани се 761 терорист, во северниот дел на Ирак 1.092, во текот на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ околу 3.000, а во акцијата „Маслинова гранка“ неутрализирани се најмалку 4.500 терористи“, нагласи Ердоган.