Европската комисија го поддржува продолжувањето на преговорите со Турција

0
24

Европската Унија (ЕУ) и понатаму го поддржува продолжувањето на пристапните преговори со Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, денес изјави дека ставовите на Европската комисија може да ги изнесува само шефот на оваа институција, Жан-Клод Јункер.

Неговиот коментар се однесуваше на неодамнешната изјава на европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, кој рече дека пристапните преговори за членство на Турција во Европската Унија треба да завршат.

„Официјалниот став на Европската комисија е во насока на продолжување на пристапните преговори со Турција“, одговори Шинас на прашањето на новинарот на АА.

Тој рече дека претседателот на Европската комисија, Јункер, и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на Самитот на лидери ЕУ-Турција во бугарскиот град Варна ја истакнаа важноста од спроведувањето на реформите и градењето добрососедски односи.

Тој додаде дека тоа се однесува и на Турција со која ЕУ секако треба да ги задржи каналите на комуникација и да ги продолжи преговорите.

Ресорниот комесар на Европската Унија, Хан, изминатиов викенд за германскиот весник „Ди велт“ (Die Welt) изјави дека Брисел би требало да ги заврши преговорите со Турција и да побара нови патишта за односи и соработка со оваа земја.

Тој истакна дека Турција во блиска иднина нема да може да стане членка на ЕУ и дека долготрајните пристапни преговори само го блокираат воспоставувањето на реално и стратешко партнерство меѓу Брисел и Анкара.