Дел од охридската касарна предаден на Општина Охрид

0
36

Се оствари еднодецениската заложба на охридската локална самоуправа, дел од поранешната касарна „Михајло Апостолски“ да биде препуштен на користење на град Охрид. На вчерашната свеченост по повод одбележувањето на денот на ослободувањето на Охрид, градоначалникот Јован Стојаноски истакна дека касарна ќе прерасе во вистински образовен комплекс. Според урбанистичкото планско решение, предвидени се станбено – деловен комплекс, црква, спортски терени, пробивање на улица и преместување на неколку установи од градот, како и на некои образовни институции.

– Со низа проекти ќе се бориме да ги вратиме младите во Охрид и ќе го стопираме нивното иселување. Изминатиов период работевме на подобрување на условите за учење во сите образовни установи во градов. Вистински образовен комплекс ќе бидат просториите на касарната „Михајло Апостолски“, кои по долгогодишни постапки конечно се сопственост на општина Охрид. Тука ќе бидат сместени неколку образовни институции, а ќе има и други содржини – истакна градоначалникот Стојаноски.

Пред десетина години Министерството за транспорт и врски даде согласност за урбанистичкиот план на просторот на касарната. Министерството за образование и наука го доби делот од касарната уште во 2010 година, како и Министерството за внатрешни работи.

Градоначалникот Јован Стојаноски неодамна најави дека после целосно ставање во функција на просторот на поранешната касарна, Противпожарната единица и некои институции ќе бидат дислоцирани таму. Сепак, рече тој, претходно ќе се разговара со вработените и раководителите дали ваквото решение, односно преселбата се прифатливи за нив. Охридските пожарникари уште претходно нагласија дека ваквото решение не им одговара и ќе им ја отежне работата.

Извор:Мета