Плановите за мегапроектот за истанбулскиот тунел се во својата завршна фаза

0
208

Турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Мехмет Џахит Турхан, денес изјави дека плановите за големиот трикатен подводен тунел што ќе ги спојува азиската и европската страна на Истанбул со железници и автопатишта, се во својата завршна фаза, јавува Anadolu Agency (AA).

„Ние ќе собориме нов рекорд со изградбата на три ката во еден тунел“, изјави турскиот министер на истанбулскиот конгрес и изложба за транспорт „Transist 2018“.

Според Министерството за транспорт и инфраструктура, тунелот кој ќе биде долг 6,5 километри, ќе биде 110 метри под морското ниво, ќе има една двонасочна железничка линија и два автопати.

Турхан изјави дека тунелот ќе спојува девет различни железници кои ќе ги користат 6,5 милиони лица дневно, со експресно метро.

Тунелот, исто така, ќе биде интегриран со две големи метро-линии за поврзување на новиот аеродром „Истанбул“ и другиот градски аеродром „Сабиха Гокчен“.

„Луѓето ќе бидат во можност да пристигнат на аеродромите „Истанбул“ и „Сабиха Ѓокчен“ за помалку од еден час без да менуваат возови“, изјави министерот.

Тој, исто така, нагласи дека тунелот ќе го олесни и сообраќајот на двата големи мостови во Истанбул, „Мостот на загинатите херои“ и „Фатих Султан Мехмет“.

Турскиот министер рече дека Турција има инвестирано 515 милијарди турски лири во подобрувањето на транспортната инфраструктура во последните 16 години.

Проектот за тунелот започна во 2015 година, како еден од мегапроектите на Турција.

Во завршените мегапроекти спаѓаат еден од најдолгите мостови на светот „Османгази“, еден од најголемите аеродроми во светот „Истанбул“ и еден од највисоките подвижни мостови во светот „Јавуз Султан Селим“.