Уставните амандмани влегуваат во финалната фаза

0
24

По тридневна расправа во македонското Собрание беа утврдени Нацрт-амандманите со кои ќе се направат измени на Уставот согласно Договорот од Преспа. Со ова заврши и втората фаза од уставните измени.

По усвојувањето на нацрт-уставните амандмани во Собранието предлагачот на уставните измени односно Владата треба да организира јавна расправа од три дена, по што има два дена да подготви извештај и петтиот ден да го достави до Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери потоа е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандамните, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа се финализира постапката за уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа.

Целосен текст на нацрт амандманите на Уставот и Преамбулата

Од Владата велат дека се отворени за сугестии и бараат од сите пратеници да се вклучат во дебатите за амандманите. Премиерот Зоран Заев во саботата на почетокот на дебатата за Нацрт-амандманите рече дека останува отворен за инклузивен процес, додавајќи дека нацрт-амандманите се во согласност со меѓународното право и интересите на Македонија и нејзините перспективи во евроатланските интеграции. Повтори дека амандманите ќе бидат инкорпорирани во Уставот само доколку Грција ја изгласа Спогодбата и даде поддршка за Протоколот за пристапување на Македонија кон НАТО.

Расправата за Нацрт-амандманите помина во знакот на меѓусебните обвинувања на владејачките партии и опозицијата за тоа кој создал поделби во македонското општество, а беа изнесени и ставови „за“ и „против“ промената на името со цел членство во ЕУ и НАТО. Дел од албанските партии како БЕСА и Алијанса за Албанците побараа да се разговара за јазичната рамноправност бидејќи според нив отворањето на уставните измени се добар момент да се разговара за тоа.

Премиерот Заев вчера од Загреб изрази уверување дека процесот во Парламентот ќе заврши успешно што ќе овозможи брзо членство на Македонија во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

– Верувам дека до крајот на јануари, Парламентот ќе даде поддршка на Договорот со Грција по што ќе следува и поддршката на Договорот и од страна на Грција, како и на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпише Протколот за членство на Македонија во НАТО и дека Македонија ќе биде 30-тата земја членка на НАТО, рекол Заев на средбата со неговиот хрватски колега Андреј  Пленковиќ.

Извор:НоваТВ