ОН: За 2019 година потребна хуманитарна помош во вредност од 21,9 милијарди долари

0
28

Во 2019 година ќе биде потребна хуманитарна помош во износ од околу 21,9 милијарди долари за 94 милиони луѓе во светот, покажуваат податоците на Обединетите нации (ОН), пренесува Anadolu Agency (AA).

Само за населението на Јемен потребно е да се обезбедат 4 милијарди долари.

Заменикот-генерален секретар на Обединетите нации (ОН) за хуманитарни прашања, Марк Ловкок, во Женева го претстави Планот на ОН за помош за следната година.

Во извештајот е наведено дека во 2019 година ќе биде потребна помош за околу 132 милиони луѓе во светот. Целта е да се обезбеди храна, сместување, здравствена заштита, образование, заштита и други основни потреби за 94 милиони луѓе.

Во извештајот, освен за Сирија, побарана е помош од 21,9 милијарди долари. Од тој износ, меѓу другото, 4 милијарди би биле наменети за населението на Јемен, а 900 милиони за Бангладеш, во кој се наоѓаат стотици илјади аракански муслимани.

Помошта ќе биде употребена на 21 различна локација во светот каде што постои хуманитарна криза. Ловкок истакна дека без оглед на овие средства, се планира да се издвојат и 4 милијарди долари за Сирија.

Во извештајот се наведува дека ОН оваа година од земјите донатори, до средината на ноември обезбедиле 13,9 милијарди долари, што е зголемување за 10 отсто во однос на истиот период минатата година.

Се потсетува дека околу 55 отсто од помошта која е издвоена во периодот од 2014 до 2018 година била насочена кон Сирија, Судан, Јужен Судан и Сомалија.

ОН во 2018 година побараа хуманитарна помош од 22,5 милијарди долари.