Oние лица кои во праксата го познаваме како лути непријатели, речиси секогаш се сложни кога станува збор за заштита на нивните заеднички интереси – а тоа е држење на јавноста што подалеку од нивните работи. Во моментов се очекува новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, а тогаш ќе знаеме дали партиите конечно ќе прифатат комплетна транспаретност или јавност ќе дозволат само за парите од буџетот кои си ги доделија годинава. 

Пишува: Александра Денковска Гоцевска, Истражувачка Репортерска Лабораторија – Македонија. 

Законот за работата и финансирањето на политичките партии се менуваше често, а секоја измена водеше кон уште помала транспарентност и контрола врз нивната работа. Во 2009 година на пример, партиите се изземаа од обврската за квартални извештаи, а неколку години подоцна заеднички си изгласаа изземање од Законот за слободен пристап до информации. Но, дали и колку работите ќе се променат со новите измени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер кој што во моментов се подготвува. Медиумите веќе шпекулираат дека партиите ќе станат иматели на информации. Но, останува нејасно дали тоа ќе се однесува само на парите кои партиите ќе ги добиваат од буџетот или, пак, на сите средства. Извори вклучени во работните групи раскажуваат дека иако таму немало партии, имало универзитетски професори со реноме кои безрезервно ги бранеле партиите со тврдења дека финансиите си биле приватна работа на партиите.

Од Министерството за правда велат дека според предлогот, како корисници на буџетски средства, финансиското работење на политичките партии ќе биде информација од јавен карактер која ќе може да се побара од партиите. Рокот за одговор на барањето за информација ќе се скрати од 30 на 20 дена.

Ви измените на законот се предвидува Комисијата за жалби по слободен пристап до информации да може да изрекува прекршоци.

Предлозите за новите законски одредби ги подготвуваше работна група од претставници на граѓанските организации и на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, кои најмногу го користат пристапот до информациите од јавен карактер.

Долгогодишната претседателка на ССНМ, Тамара Чаусидис која беше претставник во работната група ангажманот го фокусирала на скратување на рокот за добивање на одговор на барањата, како и проширување на обемот на иматели на информации од јавен карактер со политичките партии и верските задници. Од Министерството за правда велат дека верските заедници нема да бидат иматели на информации од јавен карактер затоа што не користат пари од буџетот.

„Свесна сум дека Македонија ќе биде една од ретките земји каде политичките партии ќе мора да одговараат во делот на финансиското работење, но Македонија е истовремено една од ретките земји каде се води случај каков што е „Талир“ – за перење пари преку необјасниво големи истовремени уплати на членарината и каде партиите додека се на власт стекнуваат огромно богатство. Така што во вака високо партизирано општество правото на јавноста да праша од каде доаѓаат и каде одат парите не е и не може да биде внатрешно прашање на партијата“, вели Чаусидис.

Политичките партии во Македонија, досега се немаат изјаснето дали нивното финансиско работење треба да биде информација од јавен карактер која граѓаните можат во било кое време да ја побараат од партиите. Прашање на оваа тема испративме во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ.

Генералниот секретар на владејачката СДСМ, Александар Кирацовски, вели дека прашањето за финансиското работење на партиите е многу битно и партиите би требало да бидат информации од јавен карактер.

„Апсолутно сметам дека партиите исто како институциите треба да подлежат на увид на јавноста за нивната работа во целост. Транспарентноста ќе ја врати довербата во партиското функционирање, а со тоа ќе се намалат и можностите за разни малверзации за кои бевме сведоци во скоро минато“, вели Кирацовски.

Иако експлицитно побаравме став од партијата дали политичките партии треба да бидат иматели на информации од јавен карактер, од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека додека не го видат новиот предлог-закон не можат да дадат никаков став.

„Наши претставници не присуствувале на работните групи и ние не знаеме што има предвидено во предлог законот. Затоа во моментов не можеме да дадеме став по овој закон“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СЛОЖНИ БРАЌА КУЌА ГРАДАТ

Финансирањето на политичките партии отсекогаш било, најблаго речено, енигматично и проблематично. Во Македонија чаршијата отворено раскажува кој бизнисмен со која партија е во спонзорски односи, но никогаш нема да прочитате ниту едно име на компанија во финансиските извештаи на партиите.

Управата за јавни приходи нема никаква надлежност да ги проверува донациите на партиите. Државниот завод за ревизија има испратено неколку барања за поведување прекршочна постапка за неколку политички партии, но досега ниту еден случај не бил отворен на барање на ревизорите.

Случајот Талир за имотот на ВМРО-ДПМНЕ кој го истражува Специјалното јавно обвинителство е прв ваков случај. За него се покренати две обвиненија. Во првото обвинети се шест физички лица плус партијата, а во второто обвинение за изградбата на седиштето на партијата обвинети се поранешниот премиер и лидер на партијата, Никола Груевски кој моментално е во егизл и поранешниот генерален секретар на владата и во партијата Кирил Божиновски.

Но, оние лица кои во праксата го познаваме како лути непријатели, речиси секогаш се сложни кога станува збор за заштита на нивните заеднички интереси – а тоа е држење на јавноста што подалеку од нивните работи. Особено парите.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ речиси секогаш се скарани и во состојба на готовс да се навредуваат за било која причина. Од осамостојувањето до денес, познати се само неколку случаи кога овие две партии си подале рака, како на пример референдумот за осамостојувањето.Тоа, и парите.. Како на пример патните трошоци кои треба да ги земаат од буџетот, повеќе пари за партиите, законски да бидат сопственици на земјиште и слични други измени кои одеа само и единствено во полза за партиите, но многу тешко во реалноста се наоѓаа оправдувања за јавниот интерес.

Една ваква ситуација видовме и летово. Кон крајот на јули, кога премиерот Зоран Заев седна со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Клубот на пратеници да разговараат за условите под кои опозицијата би го поддржала Договорот од Пржино, случајно го договорија и новиот Закон за финансирање политички партии. Па така, наместо досегашните 0.6 проценти годишно финансирање од буџетот, постигнаа консензус за 0.15 проценти. На важниот состанок договорено беше и на партиите да им се овозможи да бидат сопственици на земјиште. Можност која досега ја немаа на закон, но во реалноста секако постоеше.

Пример за ова е и случајот Талир со кој се замрзнати 69 имоти на  ВМРО-ДПМНЕ стекнати од 2009 до 2015 година. Како го поседувале овој имот не знае никој, па дури ниту Антикорупциска комисија, Државното јавно обвинителство, ниту пак Управата за јавни приходи. Имот, иако во значително помал обем имаат и СДСМ, ДУИ и други партии. „За“ измените на овој закон здружно гласаа 101 пратеник од власта и опозицијата.

КОЛАЧОТ ДА ОСТАНЕ ВО РАЦЕТЕ НА ГОЛЕМИТЕ

Изминатите десет години додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се гласаше и за стотина гласови во еден ден. Сите во скратена постапка. ИРЛ анализираше неколку закони со кои се уредува функционирањето и финансирањето на политичките партии. Во какви процедури се носеле законите, имало ли јавни расправи или пак законите се носеле тивко и кога очите на јавноста биле насочени кон други општествени проблеми. Со анализата на овие закони може да се заклучи и дека големите партии во текот на годините придонеле за да не може малите партии да добијат повеќе места во Собранието и општинските совети и да носат одлуки заедно со големите играчи.

На пример, според Законот за политички партии од 2004 година за да се основа политичка партија било потребно најмалку 500 граѓани кои имаат избирачко право да потпишат изјава за основање. Ова се менува во 2007 годинакога бројот на лица за основање на политичка партија се зголемува на 1000.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ три пати ја менуваат и процедурата за основање на политичка партија. Во 2004 година, изјавите на основачите се потпишуваат на нотар, во 2007 пред претставник од министерството за правда и во 2008 година повторно се враќаат пред нотар.

Во 2008 година во Изборниот законик е предвидено за изборните единици за гласање во странство да се соберат најмалку 200 потписи од изборните единици, во 2011 година е оваа бројка е 1000.

Од година во година стануваше потешко помалите партии да добијат и простор за рекламирање и претставување на нивните програми во медиумите. Бесплатниот простор за рекламирање е резервиран за оние партии кои имаат најмногу пратеници во Собранието. Што значи, власта секогаш добиваше најмногу минути во бесплатното политичко рекламирање. Во 2008 година, во Изборниот законик се додава дека радиодифузерите што одлучиле да ги покриваат изборите можат да емитуваат дополнителни 15 минути политичко рекламирање на ден час. За еден кандидат е предвидено да се потрошат најмногу 10 минути, што значи, најмногу ќе се рекламира оној кандидат чија партија има најмногу пари да плати. Во 2014 година овој член се менува и повеќе за платеното политичко рекламирање не мора да има избалансираност.

Во 2015 година, кога се потпишува Договорот од Пржино, под притисок на амбасадорите кои беа посредници во договарањето направено е прераспределување на минутите за бесплатното политичко рекламирање. За партиите на власт предвидени се осум минути, осум за партиите во опозиција и по една минута за политичките партии во Собранието кои немаат пратеничка група и оние кои воопшто не се застапени во Собранието. Со овие измени се забранува и бесплатното политичко рекламирање.

Освен рекламирањето, Договорот од Пржино ги намали и донациите кои политичките партии можат да ги добиваат. Во Изборниот законик во 2006 година беше предвидено дека за време на избори, еден граѓанин може да донира најмногу 5.000 евра, додека фирма може да придонесе во изборната кампања со најмногу 20.000 евра. Во 2011 година, овој член е сменет, па наместо 20.000 евра фирмите можат да донираат најмногу 5 отсто од вкупниот годишен приход.  Во 2014 година членот повторно се менува, па сега компаниите можат да донираат 50.000 евра. По договорот од Пржино, физичките лица можат да донираат 3.000 евра, а фирмите 20.000 евра.

Со текот на години, партиите си го олесниле и платеното политичко рекламирање. За време на избори да можат да се рекламираат во медиумите, а да не плаќаат, односно тоа да биде донација од медиумот за политичката партија. За прв пат во 2014 година овие донации билеограничени на 50.000 евра. По Пржино овој член е целосно избришан.

СО ДРЖАВНИ ПАРИ, ПАРТИИТЕ ЌЕ ГИ ОБУЧУВААТ СВОИТЕ ВРАБОТЕНИ

Дали партиите на власт секогаш во креирањето на политиките предност му даваат на народот? Дали финансирањето на политичките партии со пари од буџет е јавен интерес? Дали обучувањето на партиските вработени со пари од буџет е од јавен интерес? Дали законите што се носат секогаш се во јавен интерес?

2012 година ќе остане запаметена по црниот понеделник. Кога на 24 декември, опозицијата во обид да го спречи незаконското носење на буџетот за 2013 година, од собраниското обезбедување по налог на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски беше насилно исфрлена од собраниската сала. Речиси цела година по овој настан пратениците на тогаш опозициската СДСМ и нивните коалициони партнери не учествуваа во работата на Собранието.

Таа година, останатите пратеници меѓу другите закони кои се носат како на лета, гласаат и за измени на Законот за финансирање на политички партии, Законот за политички партии и носат нов Закон за партиско аналитички истражувачки центри.

Со Законот за партиско аналитички истражувачки центри се регулира работењето на овие центри. Колку луѓе и со какво образование ќе може да истражуваат и анализираат за партиите, колку ќе бидат плаќани и најважно е од чии пари овие партиски вработени ќе земаат плата?

Истиот ден направена е и измена на Законот за финансирање на политички партии со кој се овозможуваат 280 илјади евра народни пари секоја година да си ги делат четирите најголеми политички партии. Во времето на носењето на овој закон тоа беа ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Помалите политички партии остро реагираа на овие измени, затоа што повторно тие нема да земат дел од колачот кој си го делат „големите играчи“.

Измените на овие закони, како и примената на новиот закон предвидено е да започне од почетокот на 2015 година.

Во март 2015 година партиите си носат измени на законот за партиските центри со кои предвидуваат граѓаните да плаќаат по дополнителни 10.000 евра за секој центар со кои партиите вработените во овие центри ќе ги праќаат на обуки. Предлогот за измени на овој закон е даден од Артан Груби од ДУИ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Против измените гласал само пратеникот од Демократски сојуз, Павле Трајанов, а воздржани биле Владанка Авировиќ и Милан Стојанов од СПМ, Лилјана Поповска од ДОМ, Роза Топузова Каревска од ЛДП. Пратеничката на СДСМ Солза Грчева која по кризата во 2014 одлучи да не го врати мандатот како останатите членови на нејзината партија, воопшто не гласала за овој закон.

Извор:НоваТВ