МПЦ во последните 11 години пријавила само една завршна сметка

0
47

Македонската православна црква цели пет (5) години не пријавила воопшто Завршна сметка, судејќи според Документот на Централниот регистер, каде е запишано дека МПЦ последен пат доставила Завршна сметка во 2012 година и оттогаш, се до денес нема пријавен завршен биланс. НОВА побара завршни сметки на МПЦ во Регистерот, од 2006-2017 година, и добивме само за една година- 2012- оттука, во последните 11 години доставиле само една Завршна сметка.

Непријавување на завршна сметка после две години повлекува бришење од Централниот регистер,  а надлежна институција за дејноста и функционирањето на МПЦ е Основниот суд.

Документ од Централен регистер

 

Со овој чин, МПЦ и институциите покажуваат дека Црквата е  привилегирана и надвор од Уставот и законите- во членот 19 на Уставот е предвидена прецизна одредба- дека МПЦ, како и другите верски заедници и групи се одвоени од државата, но се еднакви пред законот.

Но, апсурдноста на мисијата на МПЦ се однесува и на друг факт- според Уставот, членот 19 ја дефинира улогата на МПЦ- таа е слободна во основањето на верски училишта, на социјални и добротворни установи.

 

МПЦ, сепак, и покрај уставните решенија, самоуверено влегува во бизнис води и со тоа,  проблематичната улога на МПЦ не завршува- нејзината примарна дејност е од темел покопана, со основањето на Трговско друштво за градежништво “Обновители” и најава за градење на станбени објекти и деловни простории.

МПЦ заедно со бизнисменот Зоран Антиќ уште во 2010 година, ја основа градежната фирма “Обновители”- за после 8 години, да се амбицираат токму на бизнис кој ќе го окупира земјиштето спроти хотелот “Холидеј Ин”.

Овој потег на МПЦ се коси со уставните начела и мисијата на Црквата, која треба да е фокусирана на верски субјекти, како и мисија која акцентот го става на социјални и добротворни цели.

МПЦ во Договорот за основање на Обновители станува Трговска фирма

                             

                                  Две улоги на МПЦ- и како непрофитна организација и како фирма

 

Оттука, МПЦ во исто време игра две улоги: се претставува пред законите како непрофитна организација, притоа не пријавува завршна сметка, додека во вториот случај, таа е во исто време и трговско друштво, преку основањето на фирмата Обновители, каде е ко-основач со бизнисменот Зоран Антиќ.  Сепак, при купувањето на земјиштето кај Холидеј ин, фигурира фирмата “Обновители”- на МПЦ и на Антиќ, како и “МГ Фешн”, која е сопственост на Антиќ .

Според Законот за непрофитни организации, како што е основана МПЦ, не подлежат организации чија вкупна вредност на имот или годишниот приход е до 2.500 евра. Но, двојната улога на МПЦ- да биде непрофитна организација и во исто време ко-основач на трговска фирма, ја исклучува можноста да биде третирана исклучиво како непрофитна организација.

Проблемите за МПЦ тука не застануваат- во документот на Завршната сметка од 2012 година  Вкупната актива изнесува 6.522.831 денари или 106.931.656 евра, сума која не кореспондира со вистинските факти- затоа што, терминот Вкупна актива подразбира и поседување на имот на субјектот. Во случајов, не е пријавена сумата од имотот кај хотелот “Холидеј ин”, проценет уште во 2010 година на 2,4 милиони евра или  147.575.400, 00 денари, а исто така не е пријавена ниту фирмата „Обновители“ која е во ко-сопственост на МПЦ.

МПЦ на ова место, кај “Холидеј ин”, добива 3.767 м2 со денационализација во 2002 година. Осум години подоцна, во 2010 г., прави Договор со бизнисменот Зоран Антиќ за формирање на фирма “Обновители”. Но, првичната идеја на овој Договор е да има „црковно-деловна административна зграда“.

Но, низ годините договорот се менувал со анекси и во делот на поделбата на имотот и во објектите што требало да се градат. Во последниот Договор меѓу МПЦ и Антиќ во фирмата “Обновители”, од март оваа година, исчезнува терминот „црковно-деловна административна зграда“ и се заменува со терминот „станбен и деловен простор“, што е само потврда на терминот Трговско друштво за градежништво, како дефиниција за нивната фирма.