Мексико: 9.000 мигранти чекаат САД да ги отворат своите врати

0
31

Над 9.000 мигранти, од кои поголем дел се од земјите од Централна Америка, пристигнаа во мексиканскиот граничен град Тихуана со надеж дека ќе влезат во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).

Еден од мигрантите кој чека Америка да ги отвори своите врати е 39-годишната Марија Лила Меса Кастро од Хондурас.

Кастро, која е мајка на пет деца, со нејзиниот син на 25 ноември биле на границата кога агентите на американските патроли користеле солзавец против мигрантите.

Зборувајќи за АА, Кастро изјави дека сакала да премине на американската страна од границата кога се случил инцидентот, и не очекувала такво попречување.

Покажувајќи празен канистер за гориво, за кој рече дека го пронашла на границата, Кастро изјави: „Одеднаш почнаа да пуштаат гасни бомби. Еден од овие канистри беше пуштен кога стоев со моите деца. Мојот син почна да губи свест поради гасот, а исто така и јас подоцна“.

Откако добила помош од неколку луѓе, Кастро успеала со своите деца да избега од местото.

„САД се земја на можности, а Хондурас е сиромашна земја, затоа се обидуваме да преминеме во САД“, изјави таа.

„Навистина не знаеме што ќе правиме тука“, изјави таа, повикувајќи го американскиот претседател да им помогне.

На 25 ноември, група мигранти маршираа до границата бидејќи американските официјални претставници полека ги обработуваат нивните барања за азил. Подоцна некои од мигрантите се обидоа да преминат во САД илегално, а граничните чувари употребија солзавец против мигрантите, во кои имаше и жени и деца.

Илјадници мигранти чекаат во Тихуана да преминат во САД, во караванот кој привлече национално внимание и го поттикна тврдењето без никакви докази на Трамп дека тоа е инвазија и дека меѓу мигрантите се наоѓаат криминалци и непознати лица од Блискиот Исток.

– Четиристотини мигранти преминаа во САД –

Локалниот весник „Ел Пасо тајмс“ (El Paso Times) извести дека над 400 мигранти ја преминале границата во текот на викендот, а вчера се предале на единиците на Граничната патрола на САД во тексашкиот град Ел Пасо.

Според весникот, портпаролот на американската единица, Фидел Бака, изјавил дека група мажи, жени и деца се предале на агентите.

Бака рекол дека не е познато дали мигрантите биле дел од централноамериканскиот караван на патот кон САД.