Американски сенатори со резолуција за одговорност на Бин Селман за убиството на Кашоги

0
42

Група републикански и демократски сенатори се спротивставија на Белата куќа и воведоа резолуција, според која саудискиот принц се наведува како одговорен за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).

Резолуцијата е претставена од републиканците Линдзи Грахам, Марко Рубио и Тод Јанг и од демократите Дајан Фајнстајн, Ед Марки и Кристофер Кунс

Во резолуцијата се истакнува дека Сенатот смета дека безбедносните сили за време на убиството на Кашоги биле под контрола на Мухамед бин Селман и дека врз основа на расположливите докази и направените анализи, има високо ниво на убеденост дека престолонаследникот бил соучесник во убиството.

Кашоги, саудиски новинар и колумнист на американскиот весник „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.

Откако на почетокот истакнаа дека Кашоги го напуштил Конзулатот жив, саудиските власти неколку недели подоцна признаа дека тој бил убиен во Конзулатот, обвинувајќи за неговата смрт група саудиски оперативци.

„Сметам дека од витално значење за американските национални безбедносни интереси е да се даде конечнo образложение за бруталното убиство на американскиот жител, г. Кашоги, кој има три деца кои се американски државјани“, рече Грахам во изјавата.

Необврзувачката резолуција, исто така, одговорноста ја фрла врз Бин Селман и за придонес кон создавањето на хуманитарната криза во Јемен, блокадата на Катар, за затворањето политички дисиденти во Ријад и употребата на сила за заплашување на своите ривали.

Ако биде одобрена, резолуцијата ќе го стави Сенатот во позиција официјално да го искаже ставот дека престолонаследникот е одговорен за убиството на Кашоги. Резолуцијата, исто така, ќе наметне притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп да одлучи дали ќе стави вето на мерката.

Овој потег уследи еден ден откако директорката на ЦИА, Џина Хаспел, имаше брифинг со мала група сенатори за убиството на Кашоги, по вознемиреноста на пратениците минатата недела поради нејзиното отсуство за време на брифинзите во Сенатот во врска со Јемен, на кои присуствуваа државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност, Џон Болтон.

Резолуцијата, исто така, ги повикува саудиските власти да преговараат со претставници на бунтовничкото движење на Хусите во Јемен и да се согласат на политичко решение, и да стават крај на хуманитарната криза во земјата.