Во очекување на предлог законот за амнестија поврзан со случувањата на 27 април во Собранието многу работи остануваат нејасни. Според упатените, треба да се види неговата содржина, но најдобро е за амнестија да се зборува по завршувањето на судскиот процес.

Месец и половина откако премиерот Зоран Заев ја промовираше идејата за помирување деновиве се очекува да биде познат и предлог законот за амнестија. Но, во меѓувреме многу работи остануваат нејасни. Дел од нив се: кој од обвинетите за случувањата за 27 април во Собранието лани ќе биде опфатен со амнестијата, како на тоа ќе реагираат правосудните органи и како сето ова ќе се одрази понатаму врз општеството.

Засега од телото за помирување кое го подготви законот не откриваат никакви детали. Од она што јавно го кажа Заев, пак, тој може да прифати помирување за „сите што не учествувале во насилството на 27 април и не биле дел од организаторите внатре“. И самиот Заев и од владејачката партија постојано повторуваат дека сето ова не треба да се разбере како мешање во работата на правосудните органи.

Според поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски, со носењето на некаков закон за помилување се негира правосудниот систем, а за амнестија може да се зборува, но по завршувањето на правосудната постапка.

„Тогаш има можности – условен отпуст, поединечно помилување…Каква било интервенција сега, додека не заврши судскиот процес, практично е негирање на независноста на правосудството“, смета Трпеноски.

Пратеничката Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која е копретседавач со телото и се сретна со европратениците Дејвид Дејвид Мекалистер и Кнут Флекештајн рече дека тие го поддржуваат процесот, но не откри детали од предлог законското решение.

Повеќе на РСЕ