Затвореници во Идризово со штрајк бараат амнестија-Заев вели општа амнестија нема

0
29

Затвореници од затворот „Идризово“ штрајкуваат со глад барајќи да бидат опфатени со најавениот закон за амнестија за обвинетите од 27 април во македонското Собрание.

Од затворот „Идризово“ за МИА потврдија дека 60-65 проценти од затворениците одбиваат храна и оти во моментот се вршат лекарски прегледи на затворениците. Како што велат од Управата на затворот, затворениците најавиле дека штрајкот ќе трае два дена.

Затворениците очекуваат нивните барања да бидат исполнети, а доколку тоа не се случи, најавуваат дека нивните семејства ќе протестираат пред Владата.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека во наредниот период не се планира носење на закон за општа амнестија. Се разговара само за амнестија за настаните од 27 април во Собранието, но, како што наведе, исклучувајќи ги сите оние кои учествувале во насилството, организацијата или биле осмислувачи.

Тој потврди дека добил писмо од осудениците од затворот во Идризово дека ќе штрајкуваат со глад, доколку се донесе амнестија само за учесниците од настаните од 27 април, од страна на телото за помирување.

-Се разговара за Закон за амнестија за настаните од 27 април, но исклучувајќи ги сите оние кои учествувале во насилството, организацијата или биле осмислувачи на ваквите громорозни настани. Не се работи за општа амнестија. Македонија донесе закон за општа амнестија, Парламентот тоа го направи пред неколку месеци. Неможе ниту една современа држава на секи шест или девет месеци да носи Закон за амнестија. Праксата во светот е општи закони за амнестија да се носат на секое четири до осум години. Така да 30 отсто од тоа што е дозволиво да се амнестира насекаде во Европа беше дозволено и во Македонија. Парламентот ја донесе одлуката преку еден нов закон за амнестија и тоа е веќе спроведено. Во наредниот период нема да има општ Закон за амнестија, рече Заев на новинарско прашање по денешната дебата за уставните измени, што се одржа во Општинскиот Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ во Штип.