Уставните амандмани од 17 декември пред Комисија – на 15 јануари ќе се гласа

0
30

Владата  како овластен предлагач за уставни измени во рок од два дена треба да достави сублимиран извештај од јавните дискусии за главните сугестии и предлози за усовршување на нацрт амандманите или како амандмани на амандманите.

Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани по јавната расправа и со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, на седница која е предвидено да се одржи на 15 јануари 2019 година.

Јавната дискусија почна со дебата во Владата на Република Македонија, и потоа продолжи со отворени настани за предложените уставни измени во МАНУ, на Универзитетот ФОН, во Општина Штип, и во Тетово на Универзитетот на Југоисточна Европа, со учество на претставници на академската и експертската јавност, претставници од граѓанскиот сектор, како и на граѓани кои покажаа голем интерес на отворената покана на Владата на РМ.

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека ќе има двотретинско мнозинство.

-Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за Уставни измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција, рече Заев на една од јавните расправи.

Во понеделник, на 17 декември треба да се одржи седница на собраниската Комисија за уставни прашања.

Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека пленарната седница на Собранието треба најрано да биде закажана на 9 јануари идната година, а гласањето да се случи на 15 јануари.

За последното гласање во законодавниот дом се потребни најмалку 80 гласови.

Во првата фаза поддршката од осуммината опозициски пратеници беше условена со четири точки, меѓу кои, формирање Координативно тело за помирување. Во втората фаза овие осуммина пратеници беа воздржани.

Извор:НоваТВ/Фото:МИА