Уапсен возачот на Панделески, ја уценувал сопругата на притворениот газда

0
120

Возачот на притворениот сопственик на компанијата „Пелистерка“ Цветан Панделески, кој заедно со Орце Камчев и Сашо Мијалков се главните осомничени во истрагата на СЈО „Империја“, ѝ барал 150.000 евра на сопругата на Панделески за да ѝ даде документи со кои наводно ќе го ослободел од притвор нејзиниот сопруг.

Информацијата дека изнудата ја вршел личниот возач на Цветан Панделески, за СДК ја потврдија извори од Скопското јавно обвинителство.

Тој ѝ се заканил дека ако го пријави оти врши изнуда на 150.000 евра од неа, ќе постави бомба од која ќе настрадаат и нејзините внуци.

Возачот на Панделески е уапсен.

„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Изнуда, предвидено и казниво согласно член 258 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Пријавениот во текот на месец ноември 2018 година упатувал сериозни закани преку телефон на оштетена, тврдејќи дека поседува документи со кои би можел да го извади од притвор нејзиниот сопруг. За да ѝ ги достави тие документи, осомничениот од неа барал да му исплати сума од 150 илјади евра, а истовремено ѝ се заканувал дека доколку пријави ќе постави бомба и дека ‘ќе биде лошо за неа и за нејзините внуци’“, соопшти Скопското јавно обвинителство.

Притоа, осомничениот го искористил фактот што извесен период во текот на 2018 година работел како личен возач на нејзиниот сопруг и имал доста информации за животот на оштетената и нејзините блиски.

Осомниченото лице е лишено од слобода и ќе биде изведено пред судија на претходна постапка, што значи дека за него ќе се бара притвор.

Судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена на Орце Камчев сопственикот на „Орка холдинг“, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 13 осомничени во „Империја“. По три дена и му го замрзна имотот на Камчев. На 10 декември судот им ги продолжи мерките притворна овие пет лица.

Извор:НоваТВ