БРИСЕЛ: Протест на представниците на транспортниот сектор

0

Стотици возачи и претставници на транспортните компании денеска се собраа пред седиштето на Европската унија во Брисел и протестираа поради најавените нови прописи поврзани со работата на овој сектор, јави агенцијата Анадолу (АА).
Синдикатите на возачи од Бугарија и Романија иницираа протести во кои се собраа најмалку 500 демонстранти.

Демонстрантите се собраа на плоштадот Шуман, а потоа одржаа протестна прошетка пред зградите на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.
“Сакаме легално да работиме во ЕУ”, “Дали ЕУ е само на Западот?” И “Нови протекции на Германија и Франција” се дел од пораките од транспарентите што ги носеа демонстрантите.

Протестите се одржаа пред објавувањето на гласањето на Комисијата за транспорт на Европскиот парламент за контроверзниот нацрт на нови мерки што ќе се применуваат за копнен транспорт во Европската унија.
Ова е нацрт на измени на норми кои дополнително ќе ја ограничат работата на возачот, начинот на одмор, часовите на возење, употреба на тахографи и пристап до пазарот.

Според новите регулативи, возачите нема да можат да трошат време на паркинзите и кабините на камионите за време на нивниот задолжителен одмор, но ќе мора да се одморат во хотел или слично сместување. Исто така е предвидено дека секој возач мора да се врати во својата матична земја најмалку еднаш на секои три недели.

Најавените мерки предизвикаа големо незадоволство, особено со транспортните и поморските компании од Источна Европа, кои тврдат дека овие мерки претставуваат протекционизам за развиените западно европски земји и ја компромитираат конкурентноста на компаниите од источноевропските земји.