Закани со смрт кон грчки пратеници заради договорот од Преспа

0
82
Фото:index.hr

Обвинителот на грчкиот Врховен суд денес наредил започнување на кривична истрага заради заканувачки пораки до членовите на десничарската партија Независни Грци (АНЕЛ), во кои тие се повикани да не гласаат за Преспанскиот договор.

Истрагата започна откако две грчки интернет-страници објавија дека пратениците добиле заканувачки текстуални пораки со кои се бара да гласаат против договорот за промена на името на Поранешната Југословенска Република Македонија, објави Ројтерс во повикувајќи се неименуван судски извор. Целта на истрагата е да се утврди дали имало злоупотреба на лични податоци и поттикнување на навреда, објаснува истиот извор.

Сајтот “Dokumento” наведува дека член на регионалниот комитет на партијата Нова демократија, Спирос Аврамакос, побарал од луѓето на кои им испратил порака да им се закануваат на пратениците да не го поддржуваат Преспанскиот договор, наведувајќи ги имињата и бројот на пратениците за кои се очекува да ќе гласаат во корист на договорот со Скопје, јавува АНА.

Вчера македонскиот парламент го усвои уставниот амандман за промена на името на државата во Република Северна Македонија, во согласност со договор со Грција за окончување на 27-годишниот билатерален спор.

Атина и Скопје постигнаа договор во јуни 2018 година, но Македонија ќе почне да го користи новото име само откако грчкиот парламент ќе го ратификува договорот, а гласањето се очекува подоцна овој месец.

Договорот со Македонија доведе до напнатост во односите меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот помлад коалициски партнер Панос Каменос, инаку министерот за одбрана и лидер на АНЕЛ.

Каменос објави дека ќе го отфрли Преспанскиот договор, ам барем еден од неговите ратеници на партијата јавно изјави дека ќе го поддржи договорот.
Неизвесно е како ќе гласаат другите членови на АНЕЛ, забележува британската агенција.

Во меѓувреме, главната опозициска партија, Нова демократија, објави дека ќе го блокира договорот со Македонија.

Грчката влада се надева дека договорот ќе биде усвоен со поддршка на пратениците од левиот центар и независните пратеници.

Владејачката коалиција на левицата и десницата има “тенко” мнозинство од 153 места во парламентот од 300 члена, од кои седум припаѓаат на АНЕЛ.

Извор:cmd