Уставните измени потпишани од спикерот Џафери, Албанскиот јазик станува службен јазик во Македонија

0

Уставните измени со коишто се менува името на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија денеска се објавени во Службен весник со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери.

Амандманите од 33 до 36 заедно со Уставниот закон за нивно прогласување се објавени во Службен весник број 6 од 12 јануари.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата на 12 јануари рече дека за објавување на оваа одлука во Службен весник не е потребен потписот на претседателот Ѓорге Иванов.

Според Уставниот закон за нивно прогласување, уставните измени ќе стапат на сила, односно името на земјава ќе биде Република Северна Македонија, откако ќе стапи на сила Договорот од Преспа и откако Парламентот на Грција ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. Ако не се исполнат овие два услова, уставните измени не влегуваат во сила, немаат правно дејство и се неважечки.

Исто така, вечерва Вицепремиерот Бујар Османи во вечерашното гостување во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека Талат Џафери веќе го потпишал  Законот за јазици и се очекува вечерва или утре да се објави во Службен весник.

Според тоа албанскиот јазик станува службен јазик во Македонија. Тоа значи дека, албанскиот јазик ќе се употребува како втор официјален јазик во Македонија.

Исто така во продолжение на дебатната емисија Бујар Османи за ТВ21 изјавил дека од утре спикерот Талат Џафери наредните седници кои ќе се одржуваат во Собранието може да ги води на мајчин албански јазик.