Киличдароглу: „Никој не може да ѝ се заканува на Турција со речник на уличен силеџија“

0
117

Лидерот на турската опозициска Републиканска народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, денес ги критикуваше неодамнешните објави на Твитер на американскиот претседател Доналд Трамп со кои ѝ се заканува на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

„Никој не може да ѝ се заканува на Република Турција со речник на уличен силеџија“, изјави Киличдароглу на свеченоста на објавување на кандидатите за градоначалник во главниот град Анкара.

Трамп во неделата се закани дека ќе ја „опустоши економијата на Турција доколку таа ги нападне Курдите“, поистоветувајќи ги Курдите со терористичката организација ПКК/ЈПГ, поистоветување кое Турција континуирано го критикува.

По неочекуваното соопштение во декември дека американските сили ќе ја напуштат Сирија, официјални американски претставници рекоа дека повлекувањето е условено со тоа Турција да не ги напаѓа „Курдите“, мислејќи на припадниците на терористичката организација ПКК/ПЈД.

Турските власти го критикуваа поистоветувањето на Курдите со терористичката организација од страна на САД, велејќи дека турската операција во Сирија е насочена кон терористичката организација која во Сирија претставува подеднаква закана за Арапите, Туркмените и за Курдите.

Во својата 30-годишна кампања против Турција, терористичката организација ПКК ги одзеде животите на околу 40.000 луѓе. ЈПГ/ПЈД е нејзин сириски огранок.