Во рамките на циклусот информативни емисии на Дубаи Портал , насловен како Рефлексија, овој пат Ви ја прикажувама кратката репортажа реализирана на локацијата “Имарет“ или денешен Плаошник.
Целта на оваа информативна емисија е уште едно кратко постетување на заборавот на ова културно историско богатсво како наследство од Османлискиот период, а за жал богатство кое малку по малку изнезнува, па на овој начин се потрудивме да остане во рамките на нашите сеќавања.
Имарет во последните години се истиснува од речникот на граѓаните. Научните кругови во земјата подолг временски период целосно го искоренија терминот имарет. Во османлискиот период имаретите успешно функционирале и се места каде што се делела бесплатна храна, облека, лекови и друго. Имарет е народна (јавна) кујна каде што се дели храна на сиромашни, гости, ученици. Поопширно, имарет е комплекс на јавни градби и институции во кои спаѓаат: џамија, турбе, преноќиште, хамам, училиште, чешма и други објекти. За одржување и за функционирање на ваквите објекти изворот на финансирање е вакафот. Вакафот се формирал од добротворни луѓе со тоа што најголемиот дел од приходите од движниот и недвижниот имот се користеле наменски за одржување и издржување на изградените објекти. Со вакафот управува мутевелија.
Еден од имаретите од османлискиот период се наоѓа во Охрид. Добротворецот е Синанудин (скратено Синан) Јусуф Челеби Охризаде. Легализирањето на вакафот претставува судски документ т.н. вакафнаме каде што се запишуваат сите податоци за завештателот, имотот и за управувањето. Синан Челеби прво гради џамија на дел од место каде што има урнатини од црква. Во османлиското владеење без расчистување на имотнопрвните работи немало никаква можност да се гради објект, а најмалку џамија. Во ваков случај кај што имаме урнатини од црква, макар и мала, дозвола давал султанот. При престојот, султанот Бајезид бил восхитен од убавината на џамијата. Преноќиште (кервансарај) од 40 соби каде што престојувал и патеписецот Евлија Челебија во 1670 година.
Добротворецот Синан Челеби умира на 29 април 1493 година. Погребен е до имарет-џамијата, која самиот ја изградил. Турбето (погребното место) на Синан Челеби повеќе од 500 години е посетувано од гости на Охрид, а најмногу од самите охриѓани. Покрај имарет-џамијата, имаше гробишта за населението што гравитира околу неа. За време на османлиското владеење, покрај сите џамии во Охрид (32), имало гробишта. Џамија и гробишта може да има ако има население што живее. Повеќе од 400 години имарет е во служба на сиромашното население (без разлика на етничко-верска припадност), на гости, бездомници, сираци и други, благодарение на вакафот на добротворецот Синан Челеби. Можно ли е ова да се заборави или да се искорени?
Во педесеттите години од минатиот век, со акт на властите, последните 26 турски семејства се протерани од нивните вековни огништа од локалитетот Имарет. Дел од имаретлиите, како што се Хасан, Демир, Јакуп, Нуредин, Енвер, Нурче, Хамди, Риза, Шабан… веќе ги нема, ги испративме од овој свет. Рахим, Скендер, Неби… родени во локалитетот Имарет, со нивната старост не се во состојба да потегнат барање за рехабилитација заради протерувањето од нивниот имот и од живеалиштата. На Бекир, Џеладин, Махмуд и други, што се иселени во Турција, тапиите од одземениот имот им останаа како украс. Имарет, како институција од османлиското владеење го снема. Подоцна имарет махала се исчисти од Турците. Обичајот да се посети имарет, посебно турбето на Синан Челеби, за хидрилез (Ѓурѓовден), беше можно до 2000 година кога властите ја срушија имарет-џамијата. Одлуката за рушење лесно падна затоа што џамијата не беше заштитена како културно-историски споменик. Во 1967 година турбето Синан Челеби се става под заштита, а со тоа Турците барем малку здивнаа. Нели е симптоматично на истта локација џамијата да не е заштитена како културно-историски споменик, а турбето да е заштитено.
Со пописот во 1948 година, половина од градското население во Охрид беа Турци. Тогашната власт лесно се одлучи за протерување на сите Турци од локалитетот Имарет. Сега, кога паднавме на пет отсто, власта уште полесно се одлучува на непромислени потези. Во 2002 година на местото Имарет-џамија е изградена Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“, која стана најпосетеното место од граѓаните и од туристите. Односот на властите спрема културно-историските споменици од османлискиот период што поскоро треба да се преиспита. Со вистинско, а не со декларативно прифаќање како заедничко културно богатство ни се отвора простор да ги следиме светските трендови. Охрид како град под заштита на УНЕСКО го заслужува ова. Во 2006 година со новите археолошки ископувања излегоа на виделина дворовите на протераните Турци со турска калдрма. Огромните потрошени буџетски средства не беа доволни за реставрација на турбето Синан Челеби. Согледувајќи ја вистината, издејствувавме донација (се разбира, од Турција) за реставрација на турбето. Години поминаа со историското „ЌЕ БИДЕ“!
На 8 септември 2010 година, два дена пред Рамазан-бајрам, уште една бајрамска честитка за маргинилизираните Турци. Црковниот врв на чело со поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и претседателот на Владата, г. Груевски, го поставија камен-темелникот на Светиклиментовиот универзитет. Културниот комплекс, кој се предвидува да заврши до 2014 година, опфаќа 23 објекти, чија вредност се проценува на околу 9 милиони евра. Меѓу овие 23 објекти, пак, не се предвидува објект од комплексот на градби имарет од османлискиот период. Практиката само мое, а не наше културно богатство, продолжува. Дали се игнорира или се брише една цивилизација? Јавноста и експертите занемеја. Кој може да проговори за ваквиот цивилизациски пристап, а да не биде осуден како предавник, продадена душа… Протежирањето една цивилизација, една вера, еден народ, во денешно време не носи заедничка среќна и перспективна иднина. Имајќи предвид дека културниот комплекс ќе се финансира од буџетот на Македонија, каде што се влеваат даноците и на маргинализираните Турци, одговорноста на претпоставените треба да биде уште поголема. Претставниците на Турците во Собранието и во Владата, поради нивниот интелектуален и демократски капацитет, може и да замижат, ама цела една етничка заедница не заслужува ваков однос од власта. Најмалку една пријателска Турција.
Немам намера да се натпреварувам со барања за споменици на добротворецот Синан Челеби или на патописецот Евлија Челебија затоа што се коси со моите убедувања, но поранешниот комплекс Имарет заслужува поголемо внимание. Денешниот комплекс Плаошник со отстапување простор за поранешниот комплекс Имарет добива најмногу.
Автор: Максуд Али