Врховниот суд на Венецуела го одби предлогот на Националното собрание за преодна влада

0

Врховниот суд за правда на Венецуела соопшти дека не го признава Нацрт-законот за формирање преодна влада врз кој работи Националното собрание, кое е во рацете на опозицијата, јавува Anadolu Agency (AA).

Во писменото соопштение се наведува дека Нацрт-законот за формирање преодна влада на Венецуела врз кој работи Националното собрание, е во спротивност со Уставот на Венецуела и е неважечки.

Врховниот суд ја сподели и информацијата дека претседателот на Уставниот суд, Хуан Хозе Мендоза, во Обвинителството го пријавил самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Гваидо, под обвинение за „узурпирање на власта, обид за државен удар и дестабилизирање на државата“.

Претходно, судот му забрани на Гваидо да ја напушти земјата и му ги замрзна банкарските сметки.

Венецуела од почетокот на годинава се наоѓа во длабока политичка криза, која се рефлектира со тоа што опозицијата не го признава новоизбраниот претседател Николас Мадуро, додека Мадуро ја обвинува опозицијата дека со поддршка на САД се обидува да изврши државен удар во земјата.

Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, кога претседателот Мадуро ја положи заклетвата за својот втор мандат, по изборите што ги бојкотираше опозицијата.

Тензиите дополнително се зголемија кога на 23 јануари претседателот на венецуелскиот Парламент, Гваидо, се прогласи за привремен претседател на Венецуела.

По самопрогласувањето, САД го признаа Гваидо за привремен претседател, а потоа го признаа и многу латиноамерикански и европски земји.

Од друга страна, Русија, Кина, Турција, Иран, Боливија и Мексико и понатаму го признаваат Мадуро за претседател на Венецуела.