Турско МНР: Кинеската политика на асимилација над Ујгурите е срам за човештвото

0

Политиката на системска асимилација која кинеските власти ја спроведуваат над ујгурските Туркијци е голем срам за целото човештво, порача портпаролот на Министерството за надворешни работи на Република Турција, Хами Аксој, јавува Anadolu Agency (AA).

Аксој упати писмена изјава во врска со кршењето на човековите права на ујгурските Туркијци, а по повод смртта на познатиот ујгурски писател и музичар Абдуррехим Хејит.

Тој истакна дека ујгурските Туркијци и другите муслимански заедници во овој регион се соочуваат со настојувања за уништување на нивниот етнички, верски и културен идентитет.

„Веќе не е тајна дека над еден милион ујгурски Туркијци се изложени на апсења без причина, на мачење и политичко перење на мозокот во концентрациони логори. Ујгурите кои се затворени во камповите се под голем притисок. Луѓето по потекло Ујгури кои живеат во странство не можат да воспостават контакт со своите семејства. Илјадници деца се одвоени од своите семејства. Повторното појавување на концентрационите логори во 21.век и политиката на системска асимилација, која ја спроведуваат кинеските власти против ујгурските Туркијци, е голем срам за целото човештво“, порача Аксој.

Тој се осврна и на смртта на Абдуррехим Хејит, кој во последните две години од животот беше затворен во регионот на ујгурскиот народ – Синџијанг.

„Со длабока тага ја примивме веста дека Абдуррехим Хејит, еден од најзначајните ујгурски поети и музичари, кој поради еден свој стих беше осуден на осум години затвор, почина во текот на втората година од престојот во затвор“, порача Аксој, додавајќи: „Очекуваме од кинеските власти да ја разгледаат реакцијата на турската јавност во врска со сериозните кршења на човековите права.“

Аксој нагласи дека турското Министерство за надворешни работи ја повикува Кина да ги почитува основните човекови права на ујгурските Туркијци и да ги затвори концентрационите логори.

„Ја повикуваме меѓународната заедница и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) да преземат конкретни и ефективни чекори со цел завршување на човечката трагедија во Синџијанг.

Кинеските организации за заштита на човековите права веќе одредено време се обидуваат да ѝ укажат на меѓународната заедница за проблемите на ујгурската заедница во Синџијанг, каде што милиони луѓе се затворени во логорите за преобразување и доедукација.

Активистите во текот на заседавањето на Комитетот на Обединетите нации за борба против расната дискриминација во Женева кажаа дека властите во Синџијанг во логорите за политичка доедукација ги притвораат сите луѓе со непожелни ставови и мислења.

Во текот на презентацијата, активистите од Кина наведоа дека на вкупно три милиони луѓе им се ускратени слободите и тоа без никакво судско процесуирање.

И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) во неодамнешниот извештај наведува дека многу луѓе во Синџијанг во изминатите две години завршиле во притвор во таканаречени центри за политичка едукација, а станува збор за луѓе кои властите ги оцениле за опасни и против нив наредиле таканаречено превентивно полициско делување.

Европската Унија (ЕУ) изрази загриженост поради постоењето на тие центри за политичка едукација и тоа јасно им го пренела на кинеските претставници на состанокот „Дијалог за човековите права“.

Официјален Пекинг го негира постоењето на такви логори во Синџијанг, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврдат дека станува збор за центри кои се користат исклучиво за стручно образование.