Напаѓачот на џамијата во Канада осуден на 40-годишна затворска казна

0
166

Канаѓанецот, кој застрела 6 верници во џамија во градот Квебек, осуден е на 40 години затвор, јавува Anadolu Agency (AA).

Обвинителите изјавија дека делото извршено од страна на Александар Бисонет (29), бидејќи е поттикнато од омраза и очигледно мотивирано од нетрпеливост, треба да се казни со максимална казна од 25 години за секоја од жртвите што ги уби тој, ноќта на 29 јануари 2017 година. Таа 150-годишна затворска казна би била најдолгата досудена казна во Канада досега.

Судијата Франсоа Хуот го отфрли предлогот на Обвинителството, нарекувајќи го „неразумен“, поради тоа што се дозволува затвореникот да умре во затвор, што би била „сурова и невообичаена казна“, спротивна на Повелбата на Канада за права и слободи.

Адвокатите на Бисонет побарале да му се даде едновремена казна – една 25-годишна казна – и да може да побара условна казна по отслужувањето на таа казна.

Судијата Хуот се согласи со Обвинителството дека делото на Бисонет е исклучително бездушно.

Неговото дело е целосно мотивирано од расна и длабока омраза кон имигрантите муслимани“, рече судијата, додавајќи дека неговите злосторства биле направени со предумисла.

Бисонет, кој носел пиштол од марката „glock“ и пушка со калибар 223, влегол во џамијата за време на вечерната молитва и почнал да пука. Во текот на турканицата, тој го наполнил пиштолот четирипати, додека пушката се заглавила – и пукал врз луѓето кои веќе лежеле на подот во сопствената крв.

Во нападот 6 лица беа убиени, а 5-мина повредени. Во џамијата имало уште 35 луѓе.

Бисонет се изјасни за виновен во март 2018 година за шест точки за убиство од прв степен и шест точки за обид за убиство.