Истанбул: Бројот на загинати во уривањето на зградата се зголеми на 21 лице

0

Бројот на жртвите при уривањето на зградата во Истанбул, што се случи во средата, се искачи на 21 лице, соопшти турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, јавува Anadolu Agency (AA).

Во изјавата за новинарите на местото на настанот, Сојлу истакна дека се смета оти под урнатините се наоѓале вкупно 35 лица, и дека сите се извлечени.

„Четиринаесет од 35-те лица се спасени од под урнатините“, додаде тој, нагласувајќи дека оние кои се одговорни за оваа несреќа, ќе одговараат пред законот.

Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, вчера информираше дека 13 повредени се наоѓаат во болница, од кои 2 лица се во сериозна состојба.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, исто така, изрази сочувство за жртвите од уривањето на зградата.

„Има лекции што треба да ги научиме“, изјави Ердоган при посетата на местото.

Седумкатницата во истанбулската населба Картал се урна во средата, поради сѐ уште непознати причини, додека внатре беа 35 станари.