Македонија го постави името Северна Македонија на граничниот премин со Грција

0

На граничниот премин „Богородица“ во Гевгелија е поставена таблата со новото уставно име на државата, „Република Северна Македонија“

ГЕВГЕЛИЈА (АА) – На граничниот премин „Богородица“ во Гевгелија е поставена таблата со новото уставно име на државата, „Република Северна Македонија“, при што започнува официјалната употреба на името како што е предвидено во Договорот од Преспа, постигнат со грчката страна, за решавање на 28-годишниот спор за името меѓу двете соседни земји, јавува Anadolu Agency (AA).

Натписот на таблата е напишан на македонски и англиски јазик, и ова е една од потребните мерки за извршување на обврските од страна на властите во земјата, откако вчера стапи во сила Договорот од Преспа.

За извршување на овие обврски кои произлегуваат од Договорот со Грција, Владата формираше меѓуминистерска работна група која ќе донесе одлуки за мерките и активностите со рок за нивно спроведување.

Овие одлуки дојдоа откако вчера Грција испрати вербална нота дека нејзиниот Парламент го ратификувал Договорот од Преспа и Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.

Како што соопшти Владата, по објавување во „Службен весник“ на уставните амандмани и Уставниот закон, со новото име на државата, Република Северна Македонија, граничните табли ќе се менуваат во рок од три дена, сообраќајните знаци на меѓународните патишта во земјата во рок од два месеци, регистарските таблички на возилата во рок од четири месеци, издавањето на новите пасоши ќе започне кон крајот на 2019 година, додека новите банкноти ќе бидат подготвени од почетокот на 2020 година.

– Договорот од Преспа –

Договорот од Преспа беше потпишан во јуни минатата година на грчката страна на Преспа меѓу владите на двете соседни земји, според кој Република Македонија го менува своето име во Република Северна Македонија.

Промената на името го реши спорот со Грција кој датира од прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија во 1991 година.

На 11 јануари оваа година, Собранието на Македонија со двотретинско мнозинство ги ратификуваше уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа, односно четири уставни амандмани, а потоа на 25 јануари со просто мнозинство Договорот беше ратификуван и во грчкиот Парламент.

Првиот амандман се однесува на актуелното име на Република Македонија, на кое ќе му се додаде придавката „Северна“, додека вториот амандман се однесува на измените во Преамбулата на Уставот, односно одлуките на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување) се дополнуваат со прогласувањето на АСНОМ и се додава Охридскиот договор како конститутивен елемент на државата. Третиот и четвртиот амандман се однесуваат на гаранциите за територијалните граници на Македонија, како и на грижата за македонските граѓани во дијаспората и пошироко.

На 8 февруари Грција го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, втората земја која го ратификуваше Протоколот беше Словенија, чиј Парламент го ратификуваше вчера. Останува Протоколот да биде потпишан и од страна на останатите 27 земји членки на НАТО, додека според најавеното, утре се очекува овој протокол да го ратификува и Собранието на Албанија.