ИСПОРАКА ВО ЈУЛИ: Америка ја предупреди Турција на “тешки последици“ доколку го купи Рускиот систем С-400

0
Октај: Турција нема да се откаже од купување на Руските софистицирани системи

САД денес предупредија на “тешки последици” ако Турција го купи рускиот против ракетен систем С-400, јави агенцијата Анадолу (АА).

Портпаролот на Пентагон, Чарлс Самерс, им изјавил на новинарите дека ваквиот потег може да влијае врз договорот за борбени авиони Ф-35 и ракетен систем Патриот.

Тој додаде дека таквата одлука на Турција да го прифати рускиот систем за одбрана би значела дека не би можеле да имаат “пристап до патриотите и авионите Ф-35”.

“Ако Турција го набави С-400, ќе има сериозни последици во однос на нашите воени односи со нив и со Патриоти системите и F-35 авионите”, изјавил Самерс.

Турскиот заменик-премиер Фуат Октај вчера изјави дека Турција во јули ја очекува првата испорака на ракетите за одбраната С-400 која ги купи од Руската Федерација.

– Република Турција во контекст на ракетните системи С-400 го прави она што е потребно од аспект на нејзините национални интереси – истакнал Октај.

Тој посочи дека Турција веќе потпиша договор со Русија и нема да се откаже од купувањето на софистицирани руски системи.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, исто така, во средата изјави дека официјалната Анкара го финализираше договорот за купување на одбранбените системи С-400. Тој изјави дека наскоро ќе започне заедничкото производство на S-400 системот и најави дека во иднина ова би можело да биде случај со производството на понапредната серија С-500.

САД тврдат дека би било подобро ако Турција ги купи американските одбранбени системи Патриот.