Премиерот Заев во официјална посета на Албанија

0

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија беше пречекана со официјална церемонија од страна на албанскиот премиер, Еди Рама, во Палатата на бригадите во Тирана

(Дубаи – Портал) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со владина делегација престојува во официјална посета на Албанија, јавува Anadolu Agency (АА).

Делегацијата на Владата на Северна Македонија беше пречекана со официјална церемонија од страна на албанскиот премиер, Еди Рама, во Палатата на бригадите во Тирана, каде што беа присутни и министри од албанскиот Кабинет и други високи функционери.

Заев и Рама по средбата меѓу делегациите ќе одржат заедничка прес-конференција, а во фокусот на разговорите ќе бидат односите меѓу двете земји, регионалната соработка и поддршката на Албанија за процесот на членство на Северна Македонија во НАТО.

Дел од делегацијата на Владата на Северна Македонија се и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и други официјални претставници.

Премиерот Заев денеска се очекува да се сретне и со претседателот на албанскиот Парламент, Грамоз Ручи.

Потсетуваме дека Албанија е меѓу земјите кои веќе го ратификуваа Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

Албанските институции доследно ги поддржаа процесите на земјата за членство во НАТО од потпишувањето на Преспанскиот договор сè до потпишувањето на Протоколот.

Mahir Demişoski