Голем број жалби дека во банкарскиот сектор владее нерегулиран хаос во однос на скриените трошоци

0

(Дубаи – Портал) – Македонските банки лани заработиле 136 милиони евра. Сума која е за 30 милиони евра повеќе од добивката која ја имаа во 2017 година. Ова е рекорден профит од постоењето на банкарскиот систем во земјава. Банките лани наплатиле речиси 430 милиони евра само за камати и провизии од граѓаните и компаниите. Бројките покажуваат дека дури 319 милиони е сумата која банките ја наплатиле за камати, а 110 милиони евра од провизии и надоместоци. На банкарските сметки секој ден од минатата година легнувале по 373.000 евра профит.

Од Народната Банка велат дека веќе две години заедно со Министерсвото за финансии работат на нов закон за платежни услуги и платни системи кој треба да биде донесен годинава. Очекуваат тој треба да ги намали цените на банкарските услуги, но и да ги заштити граѓаните.

Очекуваме дека со новата регулатива ќе се засили конкуренцијата во обезбедувањето на платежните услуги, и преку јакнење на пазарниот механизам ќе се придонесе за поголема и поконкурентна понуда на услуги. Новиот закон треба да овозможи и повеќе механизми за институционална заштита на потрошувачите.“ – велат од Народната банка.

Граѓаните се револтирани од тоа што банките постојано им наплатуваат се повеќе пари за провизии. Прашуваат и зошто треба да плаќаат дури и за секое проверување колку пари имаат на сметка. И компаниите реагираат на високите банкарски провизии. Банките им наплатуваат надоместок од 100 до над 2.000 денари месечно во зависност од прометот на сметката. А трговците плаќаат на банките и над 1 процент провизија од сумата кога граѓаните наместо во кеш, плаќаат со картичка.

Банкарите признаваат дека тарифата за надоместоци постојано ја менуваат, но велат – ја прилагодувале според пазарните услови и трошоците на банките. А, за тоа што наплатуваат и за проверка на сметка на банкомат, велат граѓаните имале други бесплатни канали на проврка како интернет банкарството. Инаку од вкупно 136 милиони евра профит лани, дури 128 милиони го направиле големите банки. Најголема е добивката на Стопанска банка. Таа лани заработила 44,5 милиони евра, или над 11 милиони повеќе од 2017 година.

Mahir Demişoski