Русија ја гледа можноста за започнување на производство на хеликоптери заедно со Турција“, изјави за Anadolu Agency (AA) челникот на компанијата за дизајн и производство на хеликоптери.

Во разговор за АА на маргините на состанокот помеѓу претседателите на Турција и Русија, што се одржа во Москва во понеделникот, извршниот директор на „Руски хеликоптери“, Андреј Богински, рече дека минатата недела ја посетил Турција за да разговара со потенцијалните купувачи.

Минатата година, Русија и Турција потпишаа договор за три противпожарни хеликоптери „Ka-32“, но според Богински, бројката не ги задоволила вистинските потреби на Турција.

„Јас го велам тоа не затоа што ние ги продаваме, туку поради нашето претходно искуство со другите земји“, објасни тој.

„Земете ја пример Јужна Кореја, каде што територијата е многу помала од територијата на Република Турција. Тие имаат околу 50 такви хеликоптери“.

Тој додаде дека трите хеликоптери ќе го покажат капацитетот на руската опрема.

Богински го истакна потенцијалот на турскиот пазар и предложи да се истражат повеќе области на соработка.

„Овој договор [за „Ка-32“] се склучи благодарение на поддршката на рускиот извозен центар, овие машини се испорачуваат во рамките на кредитната стратегија, и се разбира, ние го гледаме турскиот пазар како еден од оние што најмногу ветуваат“.

Богински истакна дека покрај снабдувањето со опрема, на обете страни им е потребна поддршката од организации како што се компаниите за лизинг и Рускиот извозен центар.

Тој додаде дека тие прашања биле разгледувани во текот на два дена „со цел поставување на потребните темели“. Нагласи дека Русија посветува големо внимание на воздухопловната индустрија и поддршката за извоз, и затоа руските организации се подготвени да помогнат со кредити за потенцијалните потрошувачи.

„Турција веќе има искуство во заедничко производство на хеликоптери со Италија, истото може да се направи и со Русија“, истакна Богински.

„Ние го познаваме успешното искуство на нашите турски колеги во производството на борбени хеликоптери со помош на колегите од Италија. Ние гледаме можности и во цивилниот сектор, и во зависност од нашите цели и намени, имаме различни видови на хеликоптери, според тоа, отворени сме за предлози“, рече Богински.

„Русија, исто така, може да ги користи компонентите произведени во Турција“, рече тој. „Турските компании изработуваат различни компоненти, а Русија е подготвена да ги користи или да ги купи финалните производи, да ги атестира заедно со турската страна, така што руските хеликоптери со турски делови може да се продаваат во земји со кои Турција има силни трговски врски“, додаде Богински.

„Споредувајќи ја Турција и Иран, земјите имаат иста бројност на популацијата, но според територијата, Иран е двојно поголем“, рече тој.

„Но, Иран, според нашите пресметки, нема двојно повеќе цивилни хеликоптери од Турција, туку четири или петпати повеќе. Значи, потенцијалот на Турската Република е огромен. Ако турската Влада започне да развива програми како што е програмата за борба против пожарите, тогаш сметаме дека за тоа веројатно ќе бидат потребни најмалку 50-70 хеликоптери, доколку станува збор за сериозна програма за противпожарна заштита.“

„Сите земји страдаат од дивите пожари кои предизвикуваат значителна штета“, рече тој, додавајќи дека хеликоптерите можат да помогнат во минимизирање или дури и спречување на штетата.

„Патните сообраќајни несреќи се уште едно поле каде што хеликоптерите може да помогнат во спасувањето на животи“, рече Богински.

„Пред две години, Министерството за здравство и Министерството за индустрија и транспорт започнаа заедничка програма за медицинска евакуација на лица, меѓу кои и од сообраќајни незгоди. Ако Турција започне со слична програма, ние имаме сигурни хеликоптери „Ансат“ со двоен мотор, кои веќе се ставени во функција во Русија, и ја докажаа нивната ефикасност“, нагласи Богински.

Тој истакна дека хеликоптерите се флексибилни и дека медицинската опрема произведена во Турција, како и други уреди, можат да се инсталираат во нив.