Политичарите да престанат да етикетираат медиуми

0

Здружението на новинарите на Македонија смета дека говорот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кој етикетира медиуми е непримерен и недоличен за еден лидер на политичка партија.

Мицкоски за време на митингот во Крушево, кажа дека СДСМ ги вклучило своите скапо платени главни уредници и медиуми да лиферуваат анкети. Настапот на Мицкоски коинцидираше со објавата на анкетата на ТВ Телма. Ваквите јавни настапи на политичарите се неприфатливи и претставуваат директна закана кон работата и уредничката независност на медиумите и служат да го дискредитираат начинот на кој тие работат.

Го повикуваме раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ да се извини на телевизијата и во иднина да се погрижи да не се етикетираат ниту медиумите ниту новинарите, бидејќи тоа може само да ја влоши состојбата на слободата на изразувањето во државата, а таквиот наратив може да поттикне напади врз новинарите, снимателите и фоторепортерите кои работат на терен.

Потсетуваме дека доколку политичарите или било кој друг има забелешки за начинот на кој известуваат медиумите можат да поднесат претставки до медиумските саморегулативни тела и тоа до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија. Исто така, ги потсетуваме и медиумите кои известуваат за предизборната кампања дека треба да се придружуваат кон Етичкиот кодекс на новинарите и да објавуваат проверени и точни информации.