Пратеничката Илхан Омар одговори на критиките на Трамп

0

„Никој не може да ја преиспитува мојата љубов кон Америка“ – Илхан Омар

Трамп во петокот објави снимка под наслов „Никогаш нема да заборавиме“, во која ги критикуваше минатомесечните изјави на конгресменката Омар од седницата на Советот за американско-исламска соработка.

(Дубаи – Портал) – Пратеничката во американскиот Конгрес, Илхан Омар, со серија пораки на Твитер му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп кој претходно ја спомнуваше во видеопорака посветена на терористичките напади кои се случија на 11 септември 2001 година, јавува Anadolu Agency (AA).

Трамп во петокот објави снимка под наслов „Никогаш нема да заборавиме“, во која ги критикуваше минатомесечните изјави на конгресменката Омар од седницата на Советот за американско-исламска соработка (CAIR).

Омар во тоа обраќање рече дека Советот за американско-исламска соработка е основан по 11 септември, бидејќи основачите сфатиле дека некои луѓе направиле нешто, а дека сите муслимани започнале да ги губат граѓанските слободи.

Од нејзиниот кабинет дополнително е соопштено дека Советот за американско-исламска соработка е основан во 1994 година, а дека Омар имала намера да укаже на фактот дека таа организација значително ја интензивирала работата по септемвриските терористички напади.

На критичарите, вклучувајќи го и Трамп, најмногу им пречи тоа што Омар рече дека некои луѓе „направиле нешто“ и ја обвинуваат дека намерно ја деградирала тежината на терористичкиот напад.

Омар во одговорот на нападите од Трамп порача дека ќе продолжат со борбата за еднакви права за среќа за сите Американци.

„Ниту едно лице, без оглед колку е корумпирано, неспособно и злобно, не може да ја преиспитува мојата непоколеблива љубов кон Америка“, порача Омар.

Порача и дека во Конгресот влегла со намера да се бори за обнова на моралните вредности и демократијата.

Омар ја поддржаа и колегите од Демократската партија, Берни Сандерс и Елизабет Варен.

„Илхан Омар е лидерка која ја одликува храброста и силата. Нема да потклекне пред расизмот и омразата на Трамп, а нема да потклекнеме ниту ние. Одвратните и опасните напади врз Омар моа да престанат“, порача Сандерс.

И на социјалните мрежи е започната кампања за поддршка на конгресменката Омар која неодамна се соочи и со закани за животот.

Mahir Demişoski