ФИФА: Инфантино повика на борба против расизмот

0

„Нема да се двоумиме да направиме сѐ што е во наша моќ за да го искорениме расизмот и кој било друг облик на дискриминација во фудбалот“, порача Џани Инфантино, претседателот на ФИФА

(Дубаи – Портал) – Џани Инфантино, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), повика на борба против расизмот на фудбалските натпревари по неколкуте сериозни инциденти во последно време, и ги охрабри судиите во екстремни ситуации да го откажат натпреварот, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Нема да се двоумиме да направиме сѐ што е во наша моќ за да го искорениме расизмот и кој било друг облик на дискриминација во фудбалот, на кое било ниво и каде било во светот“, нагласи Инфантино во соопштението за јавноста што го објави ФИФА.

Инфантино се осврна на „тристепената процедура“ на турнирите под покровителство на ФИФА, која е воведена на Купот на конфедерации 2017 година и која овозможува судиите да го запрат, прекинат и на крајот да го откажат натпреварот, доколку продолжи дискриминаторското однесување.

„ФИФА ги повикува сите членки на Федерацијата, сите лиги, клубови и дисциплински органи да ја усвојат истата процедура, како и пристапот кон нулта толеранција кон расистичките инциденти во фудбалот, и да применат строги санкции за секое такво однесување“, порача Инфантино.

Соопштението на Инфантино дојде еден ден по расистичкиот инцидент, овој пат во Франција. Натпреварот од француската Лига 1 меѓу Дижон и Амиен е запрен по расистичкото навредување на капитенот на гостинската екипа Принс Гуано.

„Слушнав гласови на мајмун“, рече Гуано и го замоли судијата да го запре натпреварот.

Раководството на Лига 1 подоцна објави дека наводниот сторител е идентификуван и приведен.

ФИФА истакна дека во потполност го поддржува Гуано, како и останатите играчи Калиду Кулибали, Рахим Стерлинг и Дани Роуз, кои претходно беа цел на расистички навреди.

„Беше многу тажно да се видат сите тие расистички инциденти во фудбалот. Тоа е навистина неприфатливо“, истакна првиот човек на ФИФА.

Mahir Demişoski