Ајакс испиша историја во ЛШ

0

(Дубаи – Портал) – Ајакс од Амстердам е првиот клуб во историјата на Лигата на Шампионите кој стигнал до полуфиналето на Лигата на шампионите, а настапил во трите квалификациски рунди пред да влезе во групната фаза.

Барселона и Ајакс се првите две екипи кои изборија пласман во полуфиналето на УЕФА Лигата на шампиони.

Синоќа се одиграа првите две реванш-средби од четвртфиналните натпревари во УЕФА Лигата на шампиони, најпрестижното фудбалко клупско натпреварување во Европа.

Шпанскиот претставник Барселона, кој во првиот натпревар на гостински терен извојува победа од 0 : 1, синоќа на Ноу Камп го пречека англискиот претставник Манчестер Јунајтед.

Со погодоците во 16. и 20. минута од натпреварот на аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси, Барселона во првото полувреме поведе со 2 : 0. Во 11. минута од натпреварот судијата покажа на белата точка откако Иван Ракетиќ падна во шеснаестерецот на Манчестер Ј. По прегледувањето на судискиот видеоасистент (ВАР), главниот судија го поништи пеналот.

Барселона и во второто полувреме ја контролираше играта на теренот. Во 61. минута Кутињо ја затресе мрежата на Манчестер Јунајтед за конечни 3 : 0.

– Ајакс го елиминираше и Јувентус

Екипата на Ајакс, која во првиот натпревар на домашен терен одигра нерешено 1 : 1 против искусниот тим на Јувентус, во кој игра португалската и светска фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо, синоќа на гостинскиот терен во Торино прикажа одлична игра и победувајќи го италијанскиот претставник со 1 : 2, избори пласман во полуфиналето на ЛШ.

Јувентус поведе во 28. минута од натпреварот преку Роналдо, а Ајакс успеа да изедначи во 34. минута со погодокот на Дони Ван де Бек. Победата на холандскиот претставник во второто полувреме му ја донесе Матијс де Лихт со погодокот во 67. минута.

Екипата на Ајакс го привлече вниманието врз себе по победата над Реал Мадрид во осминафиналето на ЛШ, а синоќа, со победата над Јувентус, покажа дека станува збор за одличен тим.

Денеска се играат преостанатите две реванш-средби од Лигата на шампиони. Во полуфиналето Барселона ќе игра со победникот во дуелот Ливерпул – Порто, додека Ајакс ќе се сретне со подобриот од Тотенхем – Манчестер Сити.

Mahir Demişoski