Потпишана програма за културна соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора

0

Програмата беше потпишана по средбата на министрите за култура Асаф Адеми и Александар Богдановиќ

(Дубаи – Портал) – Република Северна Македонија и Република Црна Гора ја потпишаа Програмата за културна соработка за периодот 2019 – 2022 година, јавува Anadolu Agency (AA).

Програмата беше потпишана по средбата одржана во просториите на Филхармонијата на Северна Македонија во Скопје, меѓу министерот за култура на Северна Македонија, Асаф Адеми, и министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ.

По потпишувањето на програмата, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција, на која истакнаа дека билатералниот документ се надоврзува на веќе потпишаната и ратификувана Спогодба меѓу двете влади, и дека претходната програма за соработка во областа на културата важеше до 2019 година.

Министерот за култура на Северна Македонија, Асаф Адеми, рече дека потпишувањето на оваа програма е одраз на силните заложби за негување и продлабочување на културните релации меѓу двете земји.

„Со особено задоволство ќе истакнам дека во изминатите години се реализираа голем број проекти и иницијативи, учества на фестивалите во двете земји на кои актерите, режисерите и продукциите од театарската дејност беа наградени со бројни признанија“, рече министерот Адеми, изразувајќи уверување дека со новата програма оваа соработка уште повеќе ќе се продлабочи.

Министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, рече дека постои голем потенцијал за соработка меѓу културните институции на двете земји, како што се музеите, театрите и библиотеките.

„Ова беше една можност да ја истакнеме соработката во сферата на културното наследство. Оценувајќи ја добрата соработка во оваа област, ние се договоривме во наредниот период додатно да ги афирмираме тие археолошки локалитети кои во претходниот период не беа доволно заштитени“, рече министерот Богдановиќ.

Министрите Адеми и Богдановиќ денес попладне исто така ќе присуствуваат на отворањето на изложбата на свечена облека од фондот на Народниот музеј на Црна Гора „Европската мода на црногорскиот двор – рефлексии“, која ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност.

Mahir Demişoski