Антикорупциска отвори постапка против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавка на автомобили

0

Државната антикорупциска комисија отвори предмет против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко поради набавка на четири автомобили.

Градоначалникот на Струга набавил четири автомобили вредни 114 илјади евра, меѓу кои и Ауди А6 во вредност од 67 илјади евра. Ќе се истражува дали Мерко ја злоупотребил должноста кога купил автомобили во услови кога Општината што ја раководи е задолжена.

Антикорупционерите отворија и четири предмети за премиерот Зоран Заев. Тие ќе истражуваат наводи за корупција во случаите „Глобал“, „Едно евро корупција“, „Бугарските фирми на Заев“ и за продажбата на земјиштето на касарната во Струмица. Сите биле сторени додека сегашниот премиер Зоран Заев бил градоначалник на Струмица. Сите пријави се поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

Постапка е отворена и против вицепремиерот Кочо Анѓушев, оти има сомневање дека дал под закуп градежно земјиште за изградба на хидроцентрала. Земјиштето го закупила фирмата МХЕ Тополки, во која како еден од сопствениците се јавува фирмата на Анѓушев, Феро инвест, а управител во тоа фирма е неговиот брат Тодор Анѓушев.

Пред еден месец Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Заев за случајот „Поткуп“ или во јавноста случај познат како „едно евро за Вицето“. Премиерот Зоран Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за продажба на државно градежно земјиште. Заев очекуваше и доби ослободителна пресуда во овој судски процес, бидејќи како што изјави, се работи за монтиран случај со цел да биде спречен да ги објави „прислушуваните разговори“. Во 2008 та пак тогашниот претседател Бранко Црвенковски, го помилува Заев за случајот Глобал, во кој тој беше обвинет за злоупотреба на службеното овластување како струмички градоначалник. (Крај)

извор: www.slobodnaevropa.mk фото: архива/ohridpress