Заев мора да одбере- тие или сите останати

0

Ако некогаш Заев послуша што бучи надвор од прозорците кои му ги запечатиле неговите, само тогаш ќе разбере што може да му донесе таа маса, која стана празна, откако завршија славењата.

Пишува: Биљана Секуловска

Ќе разбере дека мирната и мека природа му е вродена и за тоа сме сите свесни и токму затоа и беше поддржуван, тогаш кога беше неопходна во најтешките периоди за земјава. Но, по извесно време, таа станува бреме, претешка за рамениците да се износи, не може понатаму и да се истовари, телото ќе попука, не може да додржи- веќе станува слабост, од која мора да се отараса.

Ние сите, навистина сите, пред се сме политички битија, подготвени сме за секакви битки, секој тргнува во свој поход за своја правда, притоа се става во потполна борбена готовност,  сака секој да чуе тресок од Заев на масата, за да се испорача таа правда, добога.

Затоа што во политиката, како и во новинарството, приватниот хабитус, оној внатрешен капитал што се влече и сака да доминира, онаа нежна, кревка природа е потребна само за да се заштитат поразените, понижените, обесправените, слабите. Ништо повеќе не може да се понуди за останатите.

Затоа студените погледи кон Заев значат само едно-да ја распука масата пред луѓето на кои им ја дал довербата, оние нови луѓе кои сега со него ги запознавме, новите за нас, непознати имиња, а за него драги соборци, сопартијци- политичари, разни функционери, директори, шефови, високи, важни, вивнати во моќта, свежите пари, приватните шофери, блескавите коли, нудејќи му тап поглед на останатиот свет, затоа што дотаму досегаат.

Бомбите и Преспанскиот договор го покажаа тоа лице на Заев- подготвеност да се жртвува себеси, семејството, во буквален смисол, да биде подготвен на секаков вид пад, пораз и губиток. За да ја извлече оваа земја тој стави се свое на залог и играше исклучиво на таа карта.

Иако беше поддржан од странците, сепак, чесно е да се каже- тоа беше хазардерска игра, без извесност, без гаранции дека ќе се доживее нов ден, дури и во физичка смисла. Тоа беше невозможно да се преживее, и тој и сите ние, ако ја немаше во комбинација и онаа мека и мирна природа со која сите од самиот почеток се соочивме и навивавме да не ја заборави.

Но имаше периоди како и сега- кога е оставен сам, без странците, сега кога мора да расчистува и прелистува некои поинакви досиеја од оние претходните, експлозивните, тогаш кога мора тој самиот да прави рекапитулар на неговите луѓе и на нивните дела во земјава. Претпоставувам дека тогаш немал доволно време ништо од тоа да стори.

Или можеби немал доволно информации. Или, којзнае, во прашање било срцето. Немал доволно срце да ги погледне своите, затоа што тоа значи дека ќе морал и да ја погледне вистината, да се осврне околу себе, да ги согледа грабливите очи без скрупули, кои го опкружувале. Можеби и сите и не ги запознал до крај, оние на кои веројатно и најмногу им верувал, а ние никогаш и не сме ги запознале, дури и имињата не ни се познати.

Неговите нови луѓе само тој ги знаеше и претпоставувам, дел од Партијата, тоа се тие луѓе кои му ја донесоа сега главата на Заев на чинија, без тој да забележи. А ние ги забележавме и нашите глави, покрај неговата. Затоа што тие и нас не испорачаа.

Сега сме оставени на чистина- тие или сите останати. Тие, неговите- мислат дека ја одредиле нашата судбина, без да знае за тоа Заев. Тие не знаат дека на послужавникот, откако Заев ги исцрта нивните имиња, ден по ден, ги бришевме. Останаа многу малку имиња, и уште помалку време.

Заев не треба ништо да стори, само да седне сам на таа маса и да размисли- што тој можел да стори, да бил на местото на неговите драги луѓе, неговите сопартијци, a што тие сториле досега, зошто се уште се тука, зошто, воопшто.

Нека се сети на бесчувствителната природа на новинарите, тогаш кога се подготвени да се збогуваат со секого- освен со понижените, обесправените, поразените, слабите- за нив се влегува во новинарството, како и во политиката. За нив работиме, а не за нашата милозлива природа кога се во прашање емоциите кон политичарите, да, понекогаш дури и ние ги имаме, но што со тоа, што од тоа?  Онака како што потсетува Ками- “Медиумите се совеста на нацијата”- тој крст мора да се следи, затоа што само така може да изгледа тој пат.

Затоа, Заев мора да одбере- дали му се поважни неговите сопартијци или- сите останати кои чекаат да ги заштити, а притоа, нека се сети- дека тој ни докажа дека тоа се оние заради кои вреди да се влезе и да се остане во борбата- тоа се тие заради кои тој станал политичар, а не неговите, секако не заради неговите.

Извор:НоваТВ