„Државните власти ќе продолжат да прават сѐ за странските терористички и екстремистички организации да не ја користат Германија како подрачје за дејствување. Ова особено се однесува на ПКК“

(Дубаи – Портал) – Германија денеска се заложи дека ќе преземе посилни дејствија против активностите на терористичката организација ПКК, како резултат на зголеменото насилство во земјата предизвикано од нејзините приврзаници, јавува Anadolu Agency (AA).

Говорејќи на прес-конференција во Берлин, германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зихофер, рече дека кривичните дела извршени од странски екстремистички и терористички групи во Германија минатата година се зголемиле за повеќе од 50 отсто, во голема мера поради ПКК.

„Државните власти ќе продолжат да прават сѐ за странските терористички и екстремистички организации да не ја користат Германија како подрачје за дејствување. Ова, исто така, особено се однесува на ПКК“, истакна тој.

Според годишната статистика соопштена од министерот Зихофер, приврзаниците на ПКК минатата година во Германија извршиле 1.873 кривични дела, што претставува зголемување за над 80 отсто од претходната година – додека прекршоците за насилства се зголемиле од 152 на 305.

И покрај тоа што во Германија е забранета од 1993 година, ПКК е сѐ уште активна со речиси 14.000 приврзаници од курдските имигранти во земјата.

Поддржувачите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПП минатата година ја презедоа одговорноста за десетици напади врз џамии, здруженија и други турски институции во Германија, во знак на протест против антитерористичките операции на Турција во северозападна Сирија.

Анкара долго време го критикуваше Берлин дека не презема сериозни мерки против ПКК и нејзините ограноци во Германија, кои ја користат земјата како платформа за собирање финансиски средства, за регрутирање и пропаганда.

Министерот за внатрешни работи, Хорст Зихофер, инаку влијателен конзервативен политичар, вети цврст став против странските екстремистички и терористички групи по преземањето на новата функција во 2018 година.

Во февруари, двa главни пропагандни медиума на ПКК во Германија беа забранети и престанаа да работат, по правните дејствија кои ги презеде Министерството за внатрешни работи.

ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, над 30 години води терористичка кампања против Турција и е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.

Mahir Demişoski