Иранскиот политички експерт Реза Алијани смета дека тензиите меѓу САД и Иран би можеле да прераснат во краткотрајна војна од помали размери.

(Дубаи – Портал) – Во времето кога тензиите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран се сѐ поголеми, иако лидерите на тие две земји не зборуваат за можноста од војна, последните случувања го отежнуваат игнорирањето и на таа можност, јавува Anadolu Agency (AA).

Политичкиот експерт Реза Алијани смета дека тензиите меѓу САД и Иран би можеле да прераснат во краткотрајна војна од помали размери.

Алијан за Anadolu Agency (AA) изјави дека САД настојуваат со економските санкции да вршат притисок на Техеран и да го натераат да ги запре нуклеарните активности.

„САД ќе ги продолжат притисоците за намалување на влијанието на Иран во регионот. Доколку Техерен не сака преговори, САД би можеле да извршат воздушен напад од помали размери врз нуклеарните постројувања и воени бази на Иран“, смета Алијани.

Тој смета дека американскиот претседател Доналд Трамп настојува прво да го ослабне Иран од економски аспект.

„Трамп не сака промена на власта во Иран. Да се проба нешто такво би чинело скапо. Целта е Иран да се ослабне со економските санкции, а со самото тоа да се отежни обезбедувањето средства за народот и да се доведе до запирање на финансиската поддршка на ограноците во регионот“, смета Алијани.

Тој се осврна и на зборовите на лидерот на Иран, Али Каменеи, дека Иран нема да преговара.

„Иако Каменеи ги изнесува ставовите за противење на преговорите, условите ќе ги принудат на преговори и ќе ги натераат лидерите на Иран на чекор наназад“, изјави Алијани.

Тој потсети дека обично по вакви остри ставови се презема чекор наназад.

„САД се согласуваат на културолошкото шиитско присуство во регионот, наместо на воено. Доколку и иранската администрација се согласува на културолошкото шиитско присуство, договорот ќе биде лесен“, изјави Алијани.

Алијани, за стравувањата и прашањата дали народот, во случај на потенцијална војна, би застанал со власта, изјави дека народот во Иран е вознемиран од надворешната политика на власта.

„Доколку Техеран сака цврсто да седне на преговарачката маса со САД, треба да се овозможи мир во земјата и да се затвори јазот меѓу народот и администрацијата“, изјави Алијани.

Иранскиот експерт за меѓународни односи, Давуд Хермидас Бавенд, за весникот „Арман“ изјави дека е зголемена можноста САД да ги гаѓаат позициите на Иранската национална гарда, со оглед на тоа дека ја сместиле на листата на терористички организации.

„САД ја сместија Иранската национална гарда на својата листа на терористички организации. Така сите напади извршени против Иран би биле легитимни. Би можеле да ги гаѓаат базите на гардата на подрачјето на Ирак и Сирија, сметајќи ги за терористички позиции“, изјави Бавенд.

Тој тврди дека иако е спротивно на меѓународните права, САД сметаат дека е можно воената сила на одредена земја да ја прогласат за терористичка организација и да интервенираат.

„Доколку Иран одговори, САД со воен носач на авиони пратен на тоа подрачје, би можеле остро да возвратат“, изјави Бавенд.

Тој додаде и дека администрацијата во Техеран ќе се држи подалеку од напади врз воените елементи на САД, а за да не се даде повод на Американците за одговор.

„Нападите од ограноците на Иран на тоа подрачје врз позициите на САД, администрацијата во Вашингтон би ги сметала за напад на Иран“, појасни Бавенд.

Тој верува дека Трамп чекорите против Иран би можел да ги искористи за претседателските избори кои во САД ќе бидат одржани во 2020 година.

На прашањето какви чекори Техеран би требало да преземе за да се ослободи од притисоците на САД, Бавенд изјави дека Иран треба да го увери светот дека Вашингтон се однесува спротивно на меѓународното право, да ги ослободи политичките затвореници и така да доведе до тоа да пропаднат картите за човековите права, на кои играат САД.

Mahir Demişoski