„Спротивно на гласините што се шират, ние не сакаме да излеземе од Советот на Европа. И не се откажуваме од нашите обврски, вклучувајќи ги и финансиските“.

МОСКВА (АА) – Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека Русија нема намера да излезе од Советот на Европа и не се откажува од своите обврски кон Советот, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според Министерството за надворешни работи на Русија, Лавров во Хелсинки, главниот град на Финска, говорел на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа.

Лавров, истакнувајќи дека Русија, во рамките на Советот на Европа ќе продолжи да работи според нормите на меѓународното право, додаде: „Спротивно на гласините што се шират, ние не сакаме да излеземе од Советот на Европа. И не се откажуваме од нашите обврски, вклучувајќи ги и финансиските“.

Лавров рече дека Русија ги поддржува тие што го бранат интегритетот на Советот на Европа.

„Особено е важно Европската Унија да биде заштитена од ризиците како што се дрога, неконтролирана имиграција, современо ропство, штетна употреба на вештачката интелигенција“, нагласи Лавров.

Поради руската окупација на Крим во 2014 година, беше одземено правото на руската делегација да гласа во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Русија, како одговор на овие санкции, од 2016 година одлучи да не испраќа национална делегација во Советот и одби да го уплати придонесот од 33 милиони евра во буџетот на Советот на Европа, што се исплаќа на годишно ниво.

Русија од 2017 година не го исплаќа придонесот за буџетот на Советот на Европа. Според правилата на Советот на Европа, постои можност Русија да биде исклучена од членството во Советот од страна на Комитетот на министри, кој е извршно тело.