(Дубаи – Портал) – Многу забелешки и шест препораки испорача Европската Унија на македонската влада за стабилизирање на домашната економија. Побара стабилизација на јавниот долг, но и во него да влезат и долговите на јавните претпријатија. Побара да се воведат правилата – јавниот долг да не надмине 60 проценти од БДП, а дефицитот 3 проценти. Забележа и за ниската реализација на капиталните инвестиции и порачаа пак да нема оправдувања, туку тие да се реализираат според планот.

„Гледаме предизвик во стабилизацијата на јавниот долг. Можеби ќе кажете јавниот долг на Македонија не е толку висок, приближно е 43 проценти оваа година, но тука има еден проблем, а тоа е дека тука не учествува долгот на јавните претпријатија кој што е 10 проценти. Значи доколку ја додадеме и оваа бројка имаме бројка од 53 проценти. Советуваме државата да има поурамнотежен примарен буџет, за да троши толку колку што заработува.“- изјави Фреек Јанмаат Раководител на Секторот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ.

Од делегацијата на ЕУ како главни проблеми во земјава ги нотирааа сивата економија, неинтегрираноста на домашните компании во глобалниот синџир на вредности како и високата невработеност кај младите која кај нас е 45 проценти, а просекот во ЕУ е 15. Побараа да се прецизира мандатот на инспекциските служби и забележаа дека 28 колку што ги има се премногу. Забелешки има и за образованието.

„Младинската гаранција неколку години постои во ЕУ и беше усвоена од РСМ. Тоа е гаранција од Владата дека сите млади на возраст од 25 години кои што се невработени, откако ќе ги напуштат студиите да добијат квалитетни понуди за работа, продолжување на образованието или занаетчиски активности“- изјави Фреек Јанмаат Раководител на Секторот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ.

Инаку дел од забелешките и препораките се повторуваат секоја година, но овие земјава треба да ги спроведе за една година. Од Унијата се свесни дека само дел од препораките ќе бидат реализирани, а дел од нив нема да бидат ниту започнати. Извештајот за напредокот на земјава,Унијата ќе го објави на 29 мај.

Министерот за финансии Тевдовски и Гувернерката Анегловска – Бежовска, пак се пофалија од Брисел дека работат на реформите, а забелешките од ЕУ ги оценија за позитивни.

Mahir Demişoski