Сите коалициони партнери имаат право да даваат свои коментари или не – изјави вечерва премиерот, Зоран Заев откако денеска пратеникот Артан Груби посочи дека ДУИ наместо „метла“ предлага ветинг на институционално ниво, но и формирање на регулаторно тело кое би го вршело ваквиот процес.

„На крајот ние сме партиципиенти во нешто што го крепи парламентарното мнозинство. Ваквата рашомонијада од изјави која можеме да ја слушнеме од одредени високи функционери на ДУИ на крајот ќе биде поткрепена да видиме која е таа вистина за која зборуваме. Јас сум мандатор, тие можат да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени во Парламентот. Артан Груби е пратеник во Парлмаентот. Тој и неговата пратеничка група од ДУИ ќе се изјаснат за решенијата. Затоа имав средба со лидерот на нивната политичка партија, ДУИ , за да знаат навремено кои чекори ќе ги преземам, согласно тоа да си донесат одлуки, да се разговара во партијата и слично“.

Заев и понатаму не ги открива имињата кои би можеле да бидат дел од таканаречената „метла“. Тој рече дека не сака да лицитира со имиња, одбивајќи да каже дали актуелниот министер за животна средина, Садула Дураку би застанал на чело на новото Министерство за политички систем.

Тој пак, денеска одговарајќи на новинарско прашање дали ќе го напушти сегашниот ресор и дали ќе биде опфатен во „метлата“ рече дека за тоа ќе одлучи лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Треба да се сфати дека владата на оваа држава е коалициона. Секоја одлука која се носи мора да биде дел од одлуката на коалицијата. Сите одлуки се донесуваат во парламентот“, изјави Дураку.

Реконструкцијата во владата вчера беше тема на разговор меѓу Заев и Ахмети, по што од владата испратија соопштение во кое информираа дека двајцата коалициони партнери се договориле да почне процесот „за зајакнување на кадровските капацитети на владините институции за подобри економски резултати“.

Двајцата лидери се договориле да почнат консултации во двете политички партии на чие чело се самите тие, по што разговорите ќе продолжат.