„Бројот на загинатите се зголеми на 108 лица, бидејќи повеќе тела се пронајдени во реката Нил и три деца од едно семејство се убиени од страна на Силите за брза интервенција“

КАРТУМ (АА) – Бројот на загинатите во владината акција против демонстрантите во главниот град на Судан се зголеми на 108, соопшти Централниот комитет на лекари на Судан, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Меѓу жртвите се наоѓаат и три деца од едно семејство“, се вели од Комитетот, додавајќи дека има повеќе од 230 повредени.

„Бројот на загинатите се зголеми на 108 лица, бидејќи повеќе тела се пронајдени во реката Нил и три деца од едно семејство се убиени од страна на Силите за брза интервенција (RSF)“, се соопштува од Комитетот.

„Работодавачот во органот за цивилното воздухопловство, исто така, беше застрелан од Силите за брза интервенција, откако тој одби да го прекине штрајкот на вработените во цивилната авијација кој трае од вторникот“, додаде тој.

Од Комитетот се вели дека уште тела треба да бидат извадени од Нил.

До ескалација на насилството дојде откако суданските сили започнаа акција за расчистување на платото пред Генералштабот каде што е сместен главниот демократски камп. Организаторите на повеќенеделните протести и очевидци тврдат дека војската употребила прекумерна сила за да ги разбрка мирните демонстранти, а дека користела и огнено оружје.

Генерал-полковник Мухамед Хамдан Дагло, челникот на Силите за брза интервенција и заменик-претседател на владејачкиот Транзициски воен совет, ја негираше вмешаноста на неговите сили во убиствата, велејќи дека непознати сили што носат униформи на Силите за брза интервенција, се одговорни за големиот број жртви.

По повеќемесечните антивладини протести, војската на Судан во април го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со таа африканска земја од 1989 година.

Војската го основа Транзицискиот воен совет кој би требало да управува со земјата во период од две години. Опозицијата се противи на владеењето на овој Воен совет и бара итно формирање на цивилна власт во таа африканска земја.