(Дубаи – Портал) – Одложена е утрешната седница на комисијата за европски прашања, на која требаше да се разгледува предлог-законот за попис, усогласен меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ. Предлог законот соджи една многу спорна одредба, вметната по барање на ДУИ, а тоа е дека “како жител на државата ќе се попише и нејзиниот државјанин кој, иако во моментот на пописот не е тука или е на привремен престој во странство, ќе биде регистриран доколку негов близок роднина на истата адреса го пријави неговиот единствен матичен број“.

Тоа значи дека сите гастарбајтери и нивните семејства кои подолги години живеат и работат во Цирих, Базел, Љубљана или Чикаго, од страна на нивните роднини во Македонија, иако отсутни, ќе бидат попишани како жители на Тетово, Гостивар, Зајас или Арачиново. Со ваквата етно-политичка пописна норма, на пример, селото Колари (родното село на мајката на Али Ахмети), иако во моментов фактички има само околу 300-350 постојани жители, откако ќе се попишат и сите иселеници кои живеат во Швајцарија и Америка, заедно со нивните деца, фиктивно ќе испадне дека селото има 750-800 жители. Ваквите пописни податоци би биле неверодостојни, а Албанците во Македонија од 25% на последниот попис, вештачки би скокнале на 30%, јавува Magazin.mk

На ваквиот сомнителен предлог закон усогласен меѓу СДСМ и ДУИ реагираше опозиционата ВМРО-ДПМНЕ која, според зборовите на партискиот портпарол Наум Стоилковски, доколку законот биде протнат со злоупотреба на европското знаменце, без јавна дебата и без почитување на стандардите за попис на Евростат, може да повика на бојкот на пописот. Ваквата реакција, која исто така била пренесена и до неколку амбасади на земји членки на ЕУ во Македонија, ги замислила владините коалициони партнери, по што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му наредил на пратеникот Артан Груби да ја одложи утрешната седница на комисијата за европски прашања.

Извори блиски до ДУИ за Магазин брифираат дека сепак овој закон за попис мора да се донесе по секоја цена, бидејќи истиот на Али Ахмети му бил ветен од страна на премиерот Заев меѓу двата круга од претседателските избори, во замена за поголем број на гласови за победа на кандидатот Стево Пендаровски, а за возврат Заев побарал поддршка од ДУИ за измена на изборниот законик со една изборна единица, без цензус, модел со кој СДСМ се надева дека полесно ќе помине на следните парламентарни избори. Но, во овој момент кога Заев треба да се сретне со Меркел и да ја убедува дека земјата е политички стабилна и зрела за датум за преговори, на владеачкото мнозинство не му требаат дополнителни турбуленции со опозицијата во Собранието и затоа било решено со ова ветување за законот за попис да се почека уште некое време, барем додека траат лобирањата во Берлин, Париз и Брисел.

Mahir Demişoski