(Дубаи – Портал) – Бошњачкиот национален совет (BNV) до државните органи на Србија и Црна Гора упати барање за воспоставување на специјален статус за Санџак како модел за решавање на бошњачкото и санџачкото прашање, соопштено е од ова претставничко тело на Бошњаците во Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во писмото упатено до претседателите, премиерите и претседателите на собранијата, меѓу останатото, се повикува на дијалог:

„Воспоставувањето на специјален статус за Санџак врз основа на иницијативата за решавање на статусот на Бошњаците и статусот на регионот Санџак, претставува траен и стабилен механизам кој го гарантира правото на Бошњаците на политичка егзистенција и непречен социјален и економски развој и дава еднакви шанси за сите народи кои живеат во Санџак. Сметаме дека е важно да го нагласиме дека специјалниот статус на Санџак, како територијално политичка заедница, ја гарантира рамноправноста и конститутивноста на сите народи во Санџак, Албанците, Бошњаците, Црногорците и Србите. Со цел изградба на слободно мултинационално, мултикултурно, мултиконфесионално и демократско општество со еднакви шанси за сите, Бошњачкиот национален совет ве поканува на дијалог и укажува на значењето и важноста на неодложно прифаќање на решението предложено преку оваа иницијатива“, се соопштува од Бошњачкиот национален совет.

Претседателот на Партијата за демократска акција (SDA) на Санџак, Сулејман Угљанин, кој е покренувач на иницијативата за специјалниот статус на Санџак, изјави дека меѓународната заедница многу брзо ќе ја поддржи таа иницијатива.

„Иницијативата на Бошњачкиот национален совет секој ден добива на сила и стекнува меѓународна поддршка. Специјалниот статус за Санџак во кој конститутивни народи се Албанците, Бошњаците, Црногорците и Србите, станува нуклеус на регионалната стабилност на Балканот. Повторно се враќа концептот на Бадинтеровата комисија од 4 ноември 1991 година; Србите и Црногорците не губат ништо и немаат ниту една валидна причина за оспорување на овој предлог, напротив. Мораме брзо и самоуверено да дејствуваме, бидејќи меѓународната заедница ова многу брзо ќе го поддржи“, изјави претходно Угљанин.

Лидерот на Партијата за демократска акција (SDA), Сулејман Угљанин, во јавниот повик упатен овој викенд до бошњачките политички фактори наведе дека Бошњаците од Санџак денес имаат само два избора:

„Прв, да се соберат околу единствени ставови и заедно да ја постигнат таа цел. Втор, како народ да исчезнат од овие простори.“

Mahir Demişoski