(Дубаи – Портал) – Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, истакна дека Турција последните две години е цел на економски напади, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот Сојлу за време на работниот доручек во Истанбул изјави дека на просторот на кој живееат муслиманите се спроведува голема неправда, додавајќи дека тоа не е случајно.

Велејќи дека мирот на Блискиот Исток нема да го донесат САД и Европа, министерот Сојлу истакна: „Не можат да го донесат. Мирот на Блискиот Исток може да го донесе само Турција. Моќна Турција може да го донесе мирот. Тоа е и причината што денес се занимаваат со нас. Оваа мешаница ним им одговара за нивниот бизнис. Тамошните трговски патишта можат да ги користат и да раководат со нив како сакаат“.

Посочувајќи дека оние кои овој народ го донесоа до ситуација да зависи од 50 центи, не сакаат да направат никаков чекор во државата, продолжи со зборовите:

„Ние во нивните очи сме земја на која сакаат да ѝ се реваншираат, она што Османлиската Империја го спроведуваше според правдата, тие сакаат да спроведат прогон и од нас да земат данок. На еден безмилосен начин сакаат да го земат данокот од нас и би можеле да кажеме дека ние тој данок го плативме, а доколку треба да продолжиме да го плаќаме, тогаш да се справиме самите со себе и да продолжиме да го плаќаме данокот. Овој данок го плативме пред 1980 година. Со крв, со жртви, меѓусебно едни против други и со девалвација го плативме овој данок. Овој данок го плативме во процесот од 28 февруари (Меморандумот од 28 февруари е израз со кој се опишува одлуката на Советот за национална безбедност на Турција со која, под притисок на военото раководство, дојде до оставка на тогашниот премиер Неџметин Ербакан. Тој често се нарекува постмодерен пуч и последен случај во кој со интервенција на Војската е сменета регуларно избраната власт). Го дадовме веднаш по 28 февруари. Ние повеќе нема да го даваме тој данок. Ниту на САД, ниту на Европа нема да го даваме“.

– „Се спроведува економски напад“

Сојлу истакна дека Турција последните 2 години е цел на економски напади и додаде: „Од случувањата на плоштадот „Гази“, настаните од 17 – 25 декември, случувањата на 6 и 7 октомври, па сè до 15 јули, сите напади што ги организираа беа економски напади врз Турција. Нивна цел е турската економија да ја извечат од колосек и да ја оддалечат од напредокот и зацртаната програма. Во еден дел беа успешни. Нема да бидат успешни во периодот од следните 4-4,5 години. Поради тоа се обидуваат да го нарушат тоа“.

Посочувајќи на интересот што странските медиуми го дадоа на случувањата на плоштадот Гази, Сојлу рече: „И денес гледаме дека телевизискиот канал „Дојче веле“ (Deutsche Welle) од утро до вечер емитува програма против нас. Зарем треба јас тоа да не го забележувам? И британскиот телевизиски канал „Би-би-си“ (BBC) емитува програма. ФЕТО преку сите свои лажни профили на социјалните мрежи шири лаги за Турција.“

Министерот за внатрешни работи, Сојлу, посочи дека се борат против сите кои сакаат да направат раздор и се обидуваат да го спречат тоа. „Но понекогаш имаме тешкотии при објаснувањето на самите себеси. Навистина тоа вие најдобро го знаете. Сакаа да ја соборат турската Влада поради домати, пиперки, кромид. Немојте да му дозволите никому, особено не на оние кои сакаат да создадат дистанца меѓу нас, особено кон претседателот на државата“, истакна Сојлу.

– „Ја следам ситуацијата до влегувањето во пештерите“

Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, истакна дека постојано се следат активностите на терористите, додавајќи дека во Тунџели ја следи акцијата на специјалните жандармериски единици до влегувањето во пештерите.

Велејќи дека е принуден да го прави тоа, Сојлу продолжи со зборовите: „Тоа го правам бидејќи морам да донесам одлука. Да се влезе или да не се влезе, јас донесувам одлука. Доколку таму дојде до некаков проблем, јас сум одговорен. Фала му на Господ досега немаше. Станува збор за опасна работа. Веројатноста нашите безбедносни сили да бидат цел е 70 до 80 % бидејќи тие се кријат, а нашите безбедносни сили прават исчекор“.

Mahir Demişoski