Ердоган со порака за поддршка на турските фудбалери по скандалозните контроли во Исланд

0

ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, испрати порака со поддршка до фудбалските репрезентативци на Турција, кои пред мечот со Исланд беа подложени на неколкучасовни контроли на аеродромот во Кефлавик, јавува Anadolu Agency (AA).

Од Кабинетот на турскиот претседател е соопштено дека Ердоган во телефонски разговор со претседателот на Турската фудбалска федерација (TFF), Нихат Оздемир, истакнал дека надлежните турски институции презеле соодветни мерки по неприфатливиот однос на исландските службеници кон турскиот национален тим.

„Нашиот селектор Шенол Ѓунеш и неговите избраници нека бидат максимално мотивирани и концентрирани на натпреварот. Турскиот народ е со нив“, му порача Ердоган на првиот човек на Турската фудбалска федерација, Оздемир.

Турција и Исланд утре ќе играат квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство 2020, а турскиот тим доцна синоќа со посебен лет од Коња пристигна во Кефлавик.

Членовите на турската репрезентација поради деталната пасошка контрола на аеродромот се задржани повеќе од два часа, а детално е прегледан и багажот на сите фудбалери. Најискусните во турскиот тим, Емре Белезоглу и Бурак Јилмаз, негодуваа поради мерките на кои беа подложени.

Додека Белезоглу даваше изјава, навивач на Исланд пријде и му пружи четка од ВЦ-шолја, по што полицијата го приведе.

Однесувањето на исландските службеници најостро го осудија портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, и гласноговорникот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti), Омер Челик.

Турскиот министер за спорт и млади, Мехмет Касапоглу, денеска со делегација отпатува за Исланд за да даде поддршка на турскиот национален тим.

Преку амбасадите во Осло и Копенхаген, Турција на властите на Исланд им врачи двојна дипломатска нота во која се наведува дека турските фудбалери биле подложени на долгочасовни пасошки контроли, претреси на нивниот багаж и дека биле жртви на непочитување и агресивно однесување од исландските службеници.

Најостро осудувајќи го тој случај, Турција побара дополнителни мерки за безбедност за репрезентативците и Стручниот штаб.