САД сакаат да ја спречат Индија во набавката на руските системи С-400

0

Властите на Соединетите Американски Држави (САД) отворено се противат на планот на властите на Индија за купување на руските одбранбени системи С-400, токму како што се противат и на таквиот план на властите на Република Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).

Новинската агенција „Прес траст оф Индија“ (Pres Trust of India PTI) пишува дека високиот официјален претставник во американскиот Стејт департмент во изјава за индиските новинари изјавил дека одлуката на индиските власти за купување на руските системи С-400 нема да биде третирана како добронамерна и дека со сигурност ќе ја загрози американско-индиската воена соработка.

Американскиот официјален претставник понатаму изјави дека со купувањето на системот С-400, Индија ќе ги прекрши американските санкции на Русија.

„Погледнете ги сериозните дискусии кои сојузниците во НАТО ги водат со Турција. Еднаква загриженост ќе имаме и доколку Индија тргне со купување на тие С-400 системи“, изјави неименуваниот официјален претставник.

САД се противат на индиското и турското купување на руските современи одбранбени системи С-400 и тврдат дека така индиректно би ги загрозиле перформансите на најновите американски авиони Ф-35.

Индискиот премиер Нарендра Моди минатата година потпиша договор за купување на системите С-400 со рускиот претседател Владимир Путин. Имплементацијата е најавена за април 2023 година.

Аналитичарите очекуваат дека САД ќе продолжат да вршат притисоци на Индија и Турција за да ги спречат во набавка на руските системи С-400.

Американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на овој месец на Самитот на земјите Г-20 во Јапонија би требало да се состане со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган и индискиот премиер Нарендра Моди. Системите С-400 најверојатно ќе бидат главни теми на тие состаноци.